Прескокни кон главната содржина

Матеј

Глава 23

  1. 1

    Тогаш Исус му зборуваше на народот и на Своите ученици:

  2. 2

    „На Мојсеевото седиште седат учителите на Законот и фарисеите.

  3. 3

    Затоа правете и пазете сѐ што ќе ви кажат, но не постапувајте според нивните дела; зашто тие зборуваат, а не прават.

  4. 4

    Врзуваат тешки товари и им ги ставаат врз плеќите на луѓето, а самите не сакаат ни со прст да ги помрднат;

  5. 5

    Сите свои дела ги прават за да ги видат луѓето; ги прават широки кутивчињата со записи од Законот и ги зголемуваат ресите на својата облека;

  6. 6

    сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите,

  7. 7

    и поздрави по пазариштата и луѓето да ги нарекуваат: „Учителе!“

  8. 8

    А вие немојте да се нарекувате учители, зашто еден е вашиот Учител, а вие сте сите браќа;

  9. 9

    И никого на земјата не нарекувајте свој татко, зашто еден е вашиот Татко – Оној Кој е на небесата.

  10. 10

    И немојте да се нарекувате наставници, зашто еден е вашиот наставник – Христос.

  11. 11

    Но поголемиот меѓу вас да ви биде слуга;

  12. 12

    зашто, кој се воздига, ќе биде понижен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат.

  13. 13

    Тешко вам, учители на Законот и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате небесното царство пред луѓето; зашто ниту влегувате вие, ниту ги пуштате да влезат оние што сакаат да влезат.

  14. 14

    [Во подоцнежни ракописи стои: „Тешко вам, учители на Законот и фарисеи, лицемери! Им го одземате имотот на вдовиците, а за да оставите добар впечаток се молите долго. Затоа ќе добиете потешка осуда.“]

  15. 15

    Тешко вам, учители на Законот и фарисеи, лицемери! Ги обиколувате морето и копното за да придобиете еден следбеник; а кога ќе го придобиете, го правите син на геената, двапати полош од вас.

  16. 16

    Тешко вам, водачи слепи, кои велите: ‚Ако некој се заколне во храмот, не е ништо; но ако се заколне некој во храмското злато, виновен е.‘

  17. 17

    Безумни и слепи! Што е поголемо, навистина: златото или храмот, кој го осветува златото?

  18. 18

    Исто така велите: ‚Ако некој се заколне во жртвеникот, ништо не е; но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е.‘

  19. 19

    Слепи! Што е поголемо: дарот или жртвеникот што го осветува дарот?

  20. 20

    А кој се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сѐ што е врз него;

  21. 21

    и кој се колне во храмот, се колне и во Оној Кој живее во него;

  22. 22

    и кој се колне во небото, се колне во престолот Божји и во Оној Кој седи на него.

  23. 23

    Тешко вам, учители на Законот и фарисеи, зашто давате десеток од нане, копар и ким, а сте го оставиле најважното во Законот: праведноста, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате.

  24. 24

    Слепи водачи! Го процедувате комарецот, а ја голтате камилата.

  25. 25

    Тешко вам, учители на Законот и фарисеи, лицемери! Ја чистите надворешноста на чашата и чинијата, а внатре тие се полни со грабеж и неумереност.

  26. 26

    Слеп фарисеју, очисти ја најнапред внатрешноста на чашата, за и нејзината надворешност да стане чиста.

  27. 27

    Тешко вам, учители на Законот и фарисеи, лицемери, зашто многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртвечки коски и секаква нечистотија;

  28. 28

    така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие.

  29. 29

    Тешко вам, учители на Законот и фарисеи, лицемери, зашто ѕидате гробници за пророците и ги украсувате спомениците на праведните,

  30. 30

    и велите: ‚Да живеевме во деновите на нашите татковци, немаше да бидеме нивни соучесници во пролевањето на крвта на пророците.‘

  31. 31

    А со тоа сведочите сами против себе дека сте синови на оние што ги убиле пророците.

  32. 32

    Дополнете ја и вие мерата на вашите татковци.

  33. 33

    Змии, змиски породу! Како ќе избегате од пресудата за геената?

  34. 34

    Затоа, ете, Јас праќам кај вас пророци, мудреци и учители на Законот; едни од нив ќе ги убиете и распнете, а други ќе ги бичувате по своите синагоги и ќе ги прогонувате од град во град;

  35. 35

    за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел па до крвта на Захарија, синот на Варахија, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот.

  36. 36

    Вистина ви велам: сето тоа ќе падне врз овој род.

  37. 37

    Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и ги каменуваш оние што се испратени кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам твоите деца, како што кокошката ги собира своите пилиња под крилјата, но вие не сакавте.

  38. 38

    Ете, ви се остава вашиот дом пуст.

  39. 39

    Зашто ви велам: нема да Ме видите отсега додека не кажете: ‚Благословен е Оној Кој доаѓа во Господовото име!‘“