Прескокни кон главната содржина

Матеј

Глава 26

  1. 1

    И кога ги заврши Исус овие зборови, им рече на Своите ученици:

  2. 2

    „Знаете дека за два дена е Пасха, и Човечкиот Син ќе биде предаден за да биде распнат.“

  3. 3

    Тогаш првосвештениците и народните старешини се собраа во дворот на првосвештеникот, по име Кајафа,

  4. 4

    и се советуваа како да го фатат Исус со измама и да го убијат;

  5. 5

    но рекоа: „Само не на празникот, за да не стане бунт во народот.“

  6. 6

    А кога беше Исус во Витанија, во куќата на Симон Прокажениот,

  7. 7

    Му пристапи една жена, која носеше шише скапоцено миризливо масло, и го изли врз Неговата глава, кога Тој седеше на трпезата.

  8. 8

    И штом го видоа тоа Неговите ученици, се расрдија и рекоа: „Зошто вакво расфрлање?

  9. 9

    Зашто тоа миризливо масло можеше да се продаде многу скапо и парите да им се дадат на сиромашните.“

  10. 10

    Но Исус, разбирајќи го тоа, им рече: „Зошто ја вознемирувате жената? Таа направи добро дело за Мене;

  11. 11

    зашто сиромашните ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш;

  12. 12

    таа, изливајќи го тоа миризливо масло врз Моето тело, Ме приготви за погребение.

  13. 13

    Вистина ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие, по целиот свет ќе се раскажува и тоа што го направи таа, за нејзин спомен.“

  14. 14

    Тогаш еден од дванаесетте, по име Јуда Искариот, отиде кај првосвештениците

  15. 15

    и рече: „Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?“ А тие му избројаа триесет сребреници.

  16. 16

    И оттогаш тој бараше погодно време да Го предаде.

  17. 17

    На првиот ден од Празникот на бесквасните лебови, учениците Му пристапија на Исус и Го прашаа: „Каде сакаш да Ти ја подготвиме пасхалната вечера?“

  18. 18

    Тој им рече: „Одете во градот кај тој и тој човек и кажете му: ‚Учителот вели: времето Ми наближи, во твојот дом ќе ја прославам Пасхата со Своите ученици.‘“

  19. 19

    Учениците направија како што им заповеда Исус и ја приготвија Пасхата.

  20. 20

    Штом се стемни, Тој седна на трпезата со дванаесетте.

  21. 21

    И кога јадеа, им рече: „Вистина ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.“

  22. 22

    Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: „Да не сум јас, Господи?“

  23. 23

    А Тој им одговори: „Оној што ја натопи раката со Мене во чинијата, тој ќе Ме предаде.

  24. 24

    Човечкиот Син заминува, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек, преку кого Човечкиот Син ќе се предаде; подобро ќе беше за тој човек да не се родеше.“

  25. 25

    Тогаш Јуда, кој подоцна Го предаде, праша: „Да не сум јас, Учителе?“ Исус му одговори: „Ти рече.“

  26. 26

    Додека јадеа, Исус зеде леб, благослови, го прекрши и им го даде на учениците, велејќи: „Земете, јадете; ова е Моето тело.“

  27. 27

    И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите;

  28. 28

    зашто ова е Мојата крв на заветот, која се пролева за мнозина за простување на гревовите.

  29. 29

    А Јас ви велам: отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден кога ќе го пијам нов со вас во царството на Мојот Татко.“

  30. 30

    И откако испеаја благодарствена песна, излегоа кон Маслиновата Гора.

  31. 31

    Тогаш Исус им рече: „Сите вие оваа ноќ ќе се поколебате поради Мене, зашто е напишано: ‚Ќе го удрам Пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат.‘

  32. 32

    А по Моето воскресение ќе отидам порано од вас во Галилеја.“

  33. 33

    Петар Му одговори: „Дури и сите да се поколебаат поради Тебе, јас никогаш нема да се поколебам.“

  34. 34

    Исус му рече: „Вистина ти велам: оваа ноќ, уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.“

  35. 35

    Петар Му рече: „Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.“ Истото го рекоа и сите ученици.

  36. 36

    Потоа отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: „Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.“

  37. 37

    Ги зеде со Себе Петар и двајцата Зеведееви синови, и почна да тагува и да се вознемирува.

  38. 38

    Тогаш им рече Исус: „Мојата душа е смртно нажалена; останете тука и бидете будни со Мене!“

  39. 39

    И кога се поодалечи малку, падна ничкум; се молеше и зборуваше: „Татко Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но нека биде не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти.“

  40. 40

    Па дојде кај учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петар: „Толку ли не можете еден час да останете со Мене будни?

  41. 41

    Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“

  42. 42

    Отиде пак, повторно, и се помоли, зборувајќи: „Мој Татко, ако оваа чаша не може да Ме одмине без да ја испијам, тогаш нека биде Твојата волја!“

  43. 43

    И кога дојде, пак ги најде да спијат, зашто очите им беа натежнале.

  44. 44

    И кога ги остави, отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите зборови.

  45. 45

    Потоа дојде кај Своите ученици и им рече: „Сѐ уште спиете и почивате! Ете, наближи часот и Човечкиот Син се предава во рацете на грешници.

  46. 46

    Станете да одиме! Ете, наближи оној што Ме предава.“

  47. 47

    Додека Тој уште зборуваше, ете, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу народ со мечеви и стапови, испратени од првосвештениците и народните старешини.

  48. 48

    Предавникот им беше дал знак: „Кого ќе Го бакнам, Тој е; фатете Го!“

  49. 49

    Веднаш Му пристапи и рече: „Те поздравувам, Учителе!“ Потоа Го бакна.

  50. 50

    А Исус му рече: „Пријателе, зошто си дошол?“ Тогаш пристапија, положија раце на Исус и Го фатија.

  51. 51

    И ете, еден од оние што беа до Исус, потегна рака и извади меч, па го удри слугата на првосвештеникот, му го отсече увото.

  52. 52

    Тогаш Исус му рече: „Врати го мечот на неговото место; зашто сите што се фаќаат за меч, од меч ќе загинат;

  53. 53

    или мислиш дека не можам сега да Го помолам Мојот Татко, да Ми испрати повеќе од дванаесет легиони ангели?

  54. 54

    Но, како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?“

  55. 55

    Во тој час Исус му рече на народот: „Како на разбојник сте излегле со мечеви и стапови за да Ме фатите. Секој ден седев во храмот и поучував, а не Ме фативте.

  56. 56

    Но сето тоа стана за да се исполнат Писмата на пророците.“ Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа.

  57. 57

    А оние што Го фатија Исус, Го одведоа кај првосвештеникот Кајафа, каде што беа собрани учителите на Законот и старешините.

  58. 58

    Петар, пак, одеше по Него оддалеку, до дворот на првосвештеникот; и кога влезе внатре, седна со слугите, за да види како ќе заврши.

  59. 59

    Првосвештениците и целиот Врховен еврејски совет бараа лажно сведоштво против Исус, за да Го осудат на смрт,

  60. 60

    и не најдоа, иако пристапија многу лажни сведоци. Но најпосле пристапија двајца

  61. 61

    И рекоа: „Овој кажа: ‚Можам да го урнам Божјиот храм и за три дена да го изградам.‘“

  62. 62

    И кога стана првосвештеникот, Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие луѓе против Тебе?“

  63. 63

    Но Исус молчеше. А првосвештеникот Му рече: „Те заколнувам во Живиот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Божјиот Син?“

  64. 64

    Исус му одговори: „Ти рече! Но ви велам: отсега ќе Го гледате Човечкиот Син како седи од десната страна на Силата и како доаѓа на небесните облаци.“

  65. 65

    Тогаш првосвештеникот ја раскина својата облека и рече: „Тој похули! Каква потреба имаме повеќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото богохулство.

  66. 66

    Како ви се чини?“ А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!“

  67. 67

    Тогаш Го плукаа во лицето и Го удираа со тупаници, а други Му удираа шлаканици

  68. 68

    и зборуваа: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?“

  69. 69

    А Петар седеше надвор во дворот. И се приближи до него една слугинка и му рече: „И ти беше со Исус Галилеецот.“

  70. 70

    Но тој се одрече пред сите, велејќи: „Не знам што зборуваш.“

  71. 71

    А кога одеше кон вратата, го виде друга и им рече на оние што беа таму: „И овој беше со Исус Назареецот.“

  72. 72

    И пак се одрече тој со клетва: „Не го познавам Човекот.“

  73. 73

    Малку потоа се приближија оние што стоеја таму и му рекоа на Петар: „Навистина, и ти си од нив, зашто и говорот те издава.“

  74. 74

    Тогаш тој почна да се проколнува и да се заколнува: „Не Го познавам Човекот.“ И веднаш пропеа петел.

  75. 75

    Тогаш Петар се сети на зборовите што Исус му ги беше рекол: „Пред петелот да запее, трипати ќе се одречеш од Мене.“ И излезе надвор и горко заплака.