Прескокни кон главната содржина

Неемија

Глава 4

  1. 1

    Кога Санавалат слушна дека го градиме ѕидот, се разгневи и многу се налути, па им се потсмеваше на Јудејците.

  2. 2

    Пред своите браќа и пред самариската војска рече: „Што прават овие немоќни Јудејци? Зар самите ќе го обноват? Ќе принесуваат ли жртви? Ќе завршат ли за еден ден? Зар од купиштата прав ќе ги оживеат изгорените камења?“

  3. 3

    А Товија Амонецот, кој беше покрај него, рече: „Нека градат! И лисица да се качи, ќе им го урне камениот ѕид.“

  4. 4

    „Чуј, Боже наш, зашто нѐ презираат! Сврти го нивниот потсмев врз нивните глави и предај ги како плен во земјата на заробеништвото.

  5. 5

    Не го покривај нивното беззаконие и нивниот грев нека не биде избришан пред Тебе, зашто ги навредуваа градителите.“

  6. 6

    Така го градевме ѕидот и целиот ѕид беше соединет до половина од својата височина, зашто народот имаше желба да работи.

  7. 7

    Кога Санавалат, Товија, Арапите, Амонците и Азотците слушнаа дека поправањето на ерусалимските ѕидови напредува и дека процепите почнуваат да се затвораат, многу се разгневија.

  8. 8

    Сите заедно се договорија да дојдат и да се борат против Ерусалим и да внесат неред во него.

  9. 9

    Но ние Му се помоливме на својот Бог и поставивме стража против нив дење и ноќе.

  10. 10

    А Јудејците велеа: „Силата на носачите ослабе, а урнатините се многу; нема да можеме да го изградиме ѕидот.“

  11. 11

    Нашите непријатели велеа: „Нема да дознаат ниту да нѐ видат додека не влеземе меѓу нив, не ги убиеме и не ја запреме работата.“

  12. 12

    Кога Јудејците што живееја покрај нив доаѓаа кај нас, десетпати нѐ предупредуваа: „Од сите места ќе дојдат против вас.“

  13. 13

    Затоа поставив луѓе во пониските места зад ѕидот и на отворените места; го распоредив народот по семејства, со мечеви, копја и лакови.

  14. 14

    Кога ја видов нивната уплашеност, станав и им реков на благородниците, на управителите и на останатиот народ: „Не плашете се од нив! Сетете се на Господ, голем и страшен, и борете се за своите браќа, за своите синови и ќерки, за своите жени и за своите домови.“

  15. 15

    Кога нашите непријатели слушнаа дека дознавме за нивниот план и дека Бог го спречи, сите се вративме кај ѕидот, секој на својата работа.

  16. 16

    Од тој ден половината од моите слуги ја вршеа работата, а другата половина држеше копја, штитови, лакови и оклопи. Заповедниците стоеја зад целиот Јудин дом,

  17. 17

    зад оние што го градеа ѕидот. Носачите на товар работеа така што со едната рака ја вршеа работата, а со другата го држеа оружјето.

  18. 18

    Секој градител имаше меч припашан на половината додека градеше, а трубачот стоеше покрај мене.

  19. 19

    Им реков на благородниците, на управителите и на останатиот народ: „Работата е голема и обемна, а ние сме распрснати по ѕидот, далеку едни од други.

  20. 20

    Каде и да го чуете звукот на трубата, соберете се кај нас. Нашиот Бог ќе се бори за нас.“

  21. 21

    Така ја вршевме работата, а половината од луѓето ги држеа копјата, од рана зора сѐ додека не се појавеа ѕвездите.

  22. 22

    Во тоа време му реков и на народот: „Секој нека ноќева во Ерусалим со својот слуга, за ноќе да ни бидат стражари, а дење работници.“

  23. 23

    Ни јас, ни моите браќа, ни моите слуги, ни стражарите што ме придружуваа не ја соблекувавме облеката; секој го држеше своето оружје при рака.