Неемија
Глава 5
- 1
Тогаш се крена голема викотница од народот и од нивните жени против нивните браќа Јудејци.
- 2
Некои велеа: „Ние, нашите синови и нашите ќерки сме многубројни; треба да добиеме жито за да јадеме и да останеме живи.“
- 3
Други велеа: „Ги заложуваме своите ниви, лозја и куќи за да добиеме жито за време на гладот.“
- 4
А други велеа: „Позајмивме пари врз своите ниви и лозја за да го платиме царскиот данок.
- 5
Но нашето тело е како телото на нашите браќа, а нашите деца се како нивните деца. Ете, мораме да ги дадеме своите синови и ќерки во ропство; некои од нашите ќерки веќе се робинки. Ние сме немоќни, зашто нашите ниви и лозја им припаѓаат на други.“
- 6
Кога го слушнав нивниот повик и тие зборови, многу се разгневив.
- 7
Откако размислив, ги укорив благородниците и управителите и им реков: „Секој од вас му наплаќа камата на својот брат!“ И свикав голем собир против нив.
- 8
Им реков: „Ние, колку што можевме, ги откупивме своите браќа Јудејци, кои им беа продадени на народите. А сега вие ги продавате своите браќа, па тие повторно да ни бидат продадени нам?“ Тие молчеа и не најдоа што да одговорат.
- 9
Потоа реков: „Не е добро тоа што го правите. Зар не треба да живеете во страв од нашиот Бог, за да не нѐ исмејуваат народите, нашите непријатели?
- 10
И јас, и моите браќа, и моите слуги им позајмуваме пари и жито. Да престанеме да им наплаќаме камата.
- 11
Вратете им ги уште денес нивните ниви, лозја, маслинови градини и нивните куќи, а и стотиот дел од парите, житото, новото вино и маслото што го барате од нив.“
- 12
Тие одговорија: „Ќе им вратиме и нема да бараме ништо од нив. Ќе направиме како што кажа.“ Тогаш ги повикав свештениците и ги заколнав да постапат според ова ветување.
- 13
Потоа ги истресов наборите на својата облека и реков: „Така Бог нека го истресе од неговиот дом и од неговиот имот секој човек што нема да го исполни ова ветување. Така нека биде истресен и испразнет!“ Целото собрание рече: „Амин!“ и Го прослави Господ. Народот постапи според ветувањето.
- 14
Од денот кога царот ме постави за управител во Јудината земја, од дваесеттата до триесет и втората година на царот Артаксеркс – дванаесет години – ниту јас ниту моите браќа не ја користевме храната што му следуваше на управителот.
- 15
А претходните управители, кои беа пред мене, го оптоваруваа народот и земаа од него леб и вино, а освен тоа и четириесет сикли сребро. И нивните слуги господареа над народот. Но јас не правев така, поради страв од Бог.
- 16
Напротив, и самиот работев на обновувањето на овој ѕид, а не купивме ниедна нива. Сите мои слуги беа собрани таму на работа.
- 17
На мојата трпеза јадеа сто и педесетмина Јудејци и управители, покрај оние што доаѓаа кај нас од околните народи.
- 18
Секој ден за мене се подготвуваа едно говедо и шест одбрани овци, а се подготвуваа и птици. На секои десет дена се носеше изобилно вино од секаков вид. Сепак, не го барав управителскиот надомест, зашто службата тешко го оптоваруваше народот.
- 19
Спомни си за мене, Боже мој, за мое добро, поради сѐ што направив за овој народ.