Прескокни кон главната содржина

Неемија

Глава 6

  1. 1

    Кога им беше јавено на Санавалат, Товија, Гешем Арапинот и на нашите други непријатели дека го изградив ѕидот и дека не остана процеп во него – иако до тоа време уште не ги бев поставил крилата на вратите –

  2. 2

    Санавалат и Гешем ми порачаа: „Дојди да се сретнеме во едно од селата во долината Оно.“ Но тие намислуваа да ми направат зло.

  3. 3

    Затоа им испратив гласници и им реков: „Вршам голема работа и не можам да слезам. Зошто да запре работата додека ја оставам и слегувам кај вас?“

  4. 4

    Четирипати ми испраќаа иста порака, а јас секогаш им го давав истиот одговор.

  5. 5

    Тогаш Санавалат петти пат го испрати својот слуга кај мене со иста порака, а во раката му имаше отворено писмо.

  6. 6

    Во него беше напишано: „Меѓу народите се зборува, а и Гешем го потврдува тоа, дека ти и Јудејците намислувате бунт. Затоа го градиш ѕидот и, според тие гласови, сакаш да им станеш цар.

  7. 7

    Поставил си и пророци да објавуваат за тебе во Ерусалим: ‚Има цар во Јуда!‘ Сега овие гласови ќе стигнат до царот. Затоа дојди да се посоветуваме.“

  8. 8

    Тогаш му испратив одговор: „Ништо од тоа што го кажуваш не се случило; ти си го измислил во своето срце.“

  9. 9

    Зашто сите тие сакаа да нѐ исплашат, мислејќи: „Ќе им ослабнат рацете во работата и нема да ја завршат.“ Но сега, Боже, зајакни ги моите раце!

  10. 10

    Потоа отидов во куќата на Семаја, синот на Делаја, внук на Мехетавел, кој се беше затворил. Тој рече: „Да се сретнеме во Божјиот дом, внатре во храмот, и да ги затвориме храмските врати, зашто ќе дојдат да те убијат; ноќе ќе дојдат да те убијат.“

  11. 11

    Но јас реков: „Зар човек како мене треба да бега? И зар човек како мене може да влезе во храмот и да остане жив? Нема да влезам!“

  12. 12

    Тогаш разбрав дека Бог не го испратил, туку го изговорил тоа пророштво против мене затоа што Товија и Санавалат го поткупиле.

  13. 13

    Беше поткупен за да се исплашам и да постапам така, па да згрешам; тогаш ќе имаа причина да ме оцрнат и да ми се потсмеваат.

  14. 14

    Спомни си, Боже мој, за Товија и Санавалат според овие нивни дела, а и за пророчицата Ноадија и за другите пророци што сакаа да ме заплашат.

  15. 15

    Ѕидот беше завршен на дваесет и петтиот ден од месецот Елул, за педесет и два дена.

  16. 16

    Кога сите наши непријатели го слушнаа тоа и сите народи околу нас го видоа, многу паднаа во своите очи, зашто разбраа дека ова дело е извршено со помошта на нашиот Бог.

  17. 17

    Во тие денови благородниците од Јуда испраќаа многу писма до Товија, а писмата од Товија доаѓаа кај нив.

  18. 18

    Зашто мнозина во Јуда беа врзани со заклетва со него, бидејќи беше зет на Сеханија, синот на Арах, а неговиот син Јоханан ја имаше за жена ќерката на Месулам, синот на Варахија.

  19. 19

    Тие зборуваа пред мене за неговите добри дела и му ги пренесуваа моите зборови. А Товија испраќаше писма за да ме заплаши.