4 Мојсеева — Броеви
Глава 25
- 1
Додека Израел живееше во Ситим, народот почна да блудствува со моавските ќерки.
- 2
И тие го повикуваа народот на жртвите на своите богови; и народот јадеше и им се поклонуваше на нивните богови.
- 3
Така Израел се прилепи кон Ваал–Фегор; и Господовиот гнев се разгори против Израел.
- 4
И Господ му рече на Мојсеј: „Земи ги сите народни главари и обеси ги пред Господ, на сонце, за да се одврати жестокиот Господов гнев од Израел.“
- 5
Тогаш Мојсеј им рече на израелските судии: „Секој од вас нека ги убие своите луѓе, кои се прилепија кон Ваал–Фегор.“
- 6
И ете, еден од Израелевите синови дојде и доведе кај своите браќа една Мадијанка пред очите на Мојсеј и пред очите на целото собрание на Израелевите синови, додека тие плачеа пред влезот на шаторот на средбата.
- 7
А кога го виде тоа Финес, синот на Елеазар, синот на свештеникот Арон, стана од средината на собранието, зеде копје во својата рака
- 8
и влезе по Израелецот во внатрешноста на шаторот и ги прободе обајцата, Израелецот и жената, низ нејзиниот стомак. И ударот врз Израелевите синови запре.
- 9
А умреа од ударот дваесет и четири илјади.
- 10
И Господ му рече на Мојсеј:
- 11
„Финес, синот на Елеазар, синот на свештеникот Арон, го одврати Мојот гнев од Израелевите синови, затоа што покажа Моја ревност меѓу нив, па не ги истребив Израелевите синови во Својата ревност.
- 12
Затоа кажи: ‚Еве, му го давам Мојот завет на мир.
- 13
И нему и на неговото потомство по него тоа ќе им биде завет на вечно свештенство, затоа што покажа ревност за својот Бог и изврши помирување за Израелевите синови.‘“
- 14
А името на убиениот Израелец, кој беше убиен со Мадијанката, беше Зимри, син на Салу, главар на татковски дом од Симеоновците.
- 15
А името на убиената Мадијанка беше Козби, ќерка на Цур; тој беше главар на народ и на татковски дом во Мадијан.
- 16
И Господ му рече на Мојсеј:
- 17
„Нападнете ги Мадијанците и поразете ги,
- 18
зашто тие ве напаѓаа со својата измама, со која ве измамија во случајот со Фегор и во случајот со Козби, ќерката на мадијанскиот кнез, нивна сестра, која беше убиена во денот на ударот поради Фегор.“