4 Мојсеева — Броеви
Глава 24
- 1
Кога Валаам виде дека Му е угодно на Господ да го благослови Израел, не отиде како порано да бара гатање, туку го сврте лицето кон пустината.
- 2
И Валаам ги подигна очите и го виде Израел како улогорен според своите племиња; и Божјиот Дух дојде врз него.
- 3
Тогаш ја изговори својата изрека и рече: „Вели Валаам, синот Веоров; вели човекот чии очи се отворени;
- 4
зборот на оној што ги слуша Божјите зборови, кој гледа видение од Седржителот, паѓа и очите му се отворени:
- 5
Колку се убави твоите шатори, Јакове, твоите живеалишта, Израеле!
- 6
Како долини што се протегаат, како градини покрај река, како алоеви дрвја што ги насади Господ, како кедри покрај води.
- 7
Вода ќе тече од неговите садови, и неговото семе ќе биде во многу води; неговиот цар ќе биде поголем од Агаг, и неговото царство ќе се воздигне.
- 8
Бог го изведе од Египет; тој има сила како диво говедо; ќе ги проголта народите, своите непријатели, ќе им ги скрши коските и ќе ги прободе со своите стрели.
- 9
Се наведна, легна како лав и како лавица – кој ќе го подигне? Благословен да е секој што те благословува, и проклет секој што те проколнува!“
- 10
Тогаш Валаковиот гнев се разгори против Валаам; и тој плесна со своите раце. И Валак му рече на Валаам: „Те повикав да ги проколнеш моите непријатели, а ете, ти веќе трипати само ги благословуваш.
- 11
Затоа сега бегај си на своето место! Реков дека многу ќе те почестам, но ете, Господ те лиши од чест.“
- 12
А Валаам му рече на Валак: „Зар не им кажав и на твоите гласници што ги испрати кај мене:
- 13
‚И да ми ја даде Валак својата куќа полна со сребро и злато, не можам да го престапам Господовиот збор, за да правам добро или зло од себе; што ќе каже Господ, тоа ќе го кажам‘?
- 14
И сега, еве, одам кај својот народ; дојди, ќе ти кажам што ќе му направи овој народ на твојот народ во идните денови.“
- 15
Тогаш ја изговори својата изрека и рече: „Вели Валаам, синот Веоров; вели човекот чии очи се отворени;
- 16
зборот на оној што ги слуша Божјите зборови и го познава знаењето на Севишниот, кој гледа видение од Седржителот, паѓа и очите му се отворени:
- 17
Го гледам, но не сега; Го гледам, но не одблиску. Ѕвезда ќе излезе од Јаков, и владетелски стап ќе се подигне од Израел; ќе ги порази челата на Моав и ќе ги разурне сите синови на метежот.
- 18
И Едом ќе биде освоен, и Сеир ќе биде освоен од своите непријатели, а Израел ќе покаже сила.
- 19
Од Јаков ќе излезе Оној што ќе владее и ќе го истреби остатокот од градот.“
- 20
Кога го виде Амалик, ја изговори својата изрека и рече: „Амалик беше прв меѓу народите, но неговиот крај ќе биде вечна пропаст.“
- 21
Кога го виде Кенеецот, ја изговори својата изрека и рече: „Цврсто е твоето живеалиште и гнездото ти е поставено на карпа;
- 22
Но Кенеецот ќе биде изгорен, додека Асир не те одведе во ропство.“
- 23
И пак ја изговори својата изрека и рече: „Тешко! Кој ќе остане жив кога Бог ќе го направи ова?
- 24
Но бродови ќе дојдат од Китим, ќе го угнетуваат Асир и ќе го угнетуваат Евер, но и тој ќе дојде до пропаст.“
- 25
Тогаш Валаам стана, си отиде и се врати во своето место; а и Валак си замина по својот пат.