Прескокни кон главната содржина

4 Мојсеева — Броеви

Глава 27

  1. 1

    Тогаш пристапија ќерките на Салпаад, синот на Ефер, синот на Галаад, синот на Махир, синот на Манасија, од семејствата на Манасија, синот Јосифов; а ова се имињата на неговите ќерки: Мала, Ноа, Огла, Мелха и Терса.

  2. 2

    И застанаа пред Мојсеј и пред свештеникот Елеазар, и пред кнезовите и пред целото собрание, на влезот од шаторот на средбата, велејќи:

  3. 3

    „Нашиот татко умре во пустината, и не беше меѓу друштвото што се собра против Господ, во Корејовото друштво, туку умре поради својот грев; и немаше синови.

  4. 4

    Зошто да се избрише името на нашиот татко од неговото семејство затоа што немаше син? Дај ни наследство меѓу браќата на нашиот татко.“

  5. 5

    И Мојсеј го изнесе нивниот случај пред Господ.

  6. 6

    Тогаш Господ му рече на Мојсеј:

  7. 7

    „Право зборуваат ќерките на Салпаад. Навистина дај им наследство меѓу браќата на нивниот татко и пренеси им го наследството на нивниот татко.

  8. 8

    А на Израелевите синови кажи им: Ако некој човек умре и нема син, пренесете го неговото наследство на неговата ќерка.

  9. 9

    Ако нема ќерка, дајте го неговото наследство на неговите браќа.

  10. 10

    Ако нема браќа, дајте го неговото наследство на браќата на неговиот татко.

  11. 11

    А ако неговиот татко нема браќа, дајте го неговото наследство на неговиот најблизок сродник од неговото семејство, и тој нека го наследи. Тоа нека им биде на Израелевите синови правна уредба, како што Господ му заповеда на Мојсеј.“

  12. 12

    Господ му рече на Мојсеј: „Искачи се на оваа гора Аварим и погледни ја земјата што им ја дадов на Израелевите синови.

  13. 13

    Кога ќе ја видиш, и ти ќе се прибереш кај својот народ, како што се прибра и твојот брат Арон,

  14. 14

    зашто во пустината Син, при препирањето на собранието, се побунивте против Мојата заповед, да Ме осветите кај водата пред нивните очи.“ Тоа е водата на Мерива, во Кадис, во пустината Син.

  15. 15

    Тогаш Мојсеј Му рече на Господ:

  16. 16

    „Нека постави Господ, Бог на духовите на секое тело, човек над собранието,

  17. 17

    кој ќе излегува пред нив и ќе влегува пред нив, кој ќе ги води надвор и ќе ги воведува, за Господовото собрание да не биде како овци што немаат пастир.“

  18. 18

    И Господ му рече на Мојсеј: „Земи го Исус, синот на Навин, човек во кого има Дух, и положи ја својата рака врз него.

  19. 19

    Постави го пред свештеникот Елеазар и пред целото собрание, и дај му заповед пред нивните очи.

  20. 20

    И пренеси на него дел од својот углед, за да го послуша целото собрание на Израелевите синови.

  21. 21

    И нека стои пред свештеникот Елеазар, кој за него ќе бара одлука преку Урим пред Господ. По неговиот збор ќе излегуваат и по неговиот збор ќе влегуваат, тој и сите Израелови синови со него, и целото собрание.“

  22. 22

    И Мојсеј направи како што Господ му заповеда; го зеде Исус и го постави пред свештеникот Елеазар и пред целото собрание.

  23. 23

    И ги положи своите раце врз него и му даде заповед, како што Господ зборуваше преку Мојсеј.