Прескокни кон главната содржина

4 Мојсеева — Броеви

Глава 28

  1. 1

    Господ му рече на Мојсеј:

  2. 2

    „Заповедај им на Израелевите синови и кажи им: Пазете да Ми го принесувате во неговото време Мојот принос, Мојот леб за Моите огнени жртви, Мојот пријатен мирис.

  3. 3

    И кажи им: Ова е огнената жртва што ќе Му ја принесувате на Господ: две едногодишни машки јагниња без недостаток секој ден, како постојана жртва паленица.

  4. 4

    Едното јагне принесувај го наутро, а другото јагне принесувај го навечер.

  5. 5

    И како житен принос – една десетинка од ефа фино брашно замесено со една четвртина хин истолчено масло.

  6. 6

    Тоа е постојаната жртва паленица, што беше одредена на гората Синај како пријатен мирис, огнена жртва на Господ.

  7. 7

    И неговиот наливен принос нека биде една четвртина хин за едно јагне; во светилиштето излевај наливен принос од вино за Господ.

  8. 8

    И другото јагне принесувај го навечер; како утринскиот житен принос и како неговиот наливен принос, така принесувај го, како огнена жртва, пријатен мирис на Господ.

  9. 9

    А во саботен ден принесувајте две едногодишни машки јагниња без недостаток, и две десетинки од ефа фино брашно замесено со масло како житен принос, со неговиот наливен принос.

  10. 10

    Тоа е жртвата паленица за секоја сабота, покрај постојаната жртва паленица и нејзиниот наливен принос.

  11. 11

    И на почетокот на вашите месеци принесувајте жртва паленица на Господ: два јунци, еден овен и седум едногодишни машки јагниња без недостаток.

  12. 12

    И три десетинки од ефа фино брашно замесено со масло како житен принос за секој јунец, и две десетинки од ефа фино брашно замесено со масло како житен принос за еден овен,

  13. 13

    и по една десетинка од ефа фино брашно замесено со масло како житен принос за секое јагне, како жртва паленица, пријатен мирис, огнена жртва на Господ.

  14. 14

    А нивните наливни приноси нека бидат: половина хин вино за еден јунец, една третина хин за еден овен и една четвртина хин за едно јагне. Тоа е месечната жртва паленица за секој месец во годината.

  15. 15

    И едно машко јаре за жртва за грев на Господ нека се принесува, покрај постојаната жртва паленица и нејзиниот наливен принос.

  16. 16

    Во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот, е Господовата Пасха.

  17. 17

    А на петнаесеттиот ден од овој месец е празник; седум дена нека се јаде бесквасен леб.

  18. 18

    На првиот ден да имате свет собир; никаква тешка работа да не вршите.

  19. 19

    И принесувајте огнена жртва, жртва паленица на Господ: два јунци, еден овен и седум едногодишни јагниња; нека ви бидат без недостаток.

  20. 20

    А нивниот житен принос нека биде фино брашно замесено со масло: три десетинки принесувајте за еден јунец, и две десетинки за еден овен.

  21. 21

    По една десетинка приготви за секое од седумте јагниња.

  22. 22

    И едно машко јаре како жртва за грев, за да извршите помирување за себе.

  23. 23

    Тоа принесувајте покрај утринската жртва паленица, што е постојана жртва паленица.

  24. 24

    Така принесувајте секој ден, седум дена, леб како огнена жртва, пријатен мирис на Господ; нека се принесува покрај постојаната жртва паленица и нејзиниот наливен принос.

  25. 25

    И на седмиот ден да имате свет собир; никаква тешка работа да не вршите.

  26. 26

    И на денот на првините, кога ќе Му принесувате нов житен принос на Господ во вашиот празник на седмиците, да имате свет собир; никаква тешка работа да не вршите.

  27. 27

    И принесувајте жртва паленица за пријатен мирис на Господ: два јунци, еден овен, седум едногодишни јагниња,

  28. 28

    и нивниот житен принос од фино брашно замесено со масло: три десетинки за секој јунец, две десетинки за еден овен,

  29. 29

    и по една десетинка за секое од седумте јагниња;

  30. 30

    и едно машко јаре, за да извршите помирување за себе.

  31. 31

    Тоа принесувајте покрај постојаната жртва паленица и нејзиниот житен принос; нека ви бидат без недостаток, заедно со нивните наливни приноси.