Прескокни кон главната содржина

Изреки

Глава 1

  1. 1

    Изреки на Соломон, син Давидов, цар на Израел,

  2. 2

    за да се познаат мудроста и поуката и да се разберат разумните зборови;

  3. 3

    за да се прими поука за мудро живеење, за праведност, правда и чесност;

  4. 4

    за неразумните да стекнат проникливост, а младите — знаење и способност за расудување.

  5. 5

    Мудриот нека слуша и нека го зголемува своето знаење, а разумниот нека стекнува мудро водство,

  6. 6

    за да разбира изреки и сликовит говор, зборови на мудрите и нивните загадочни мисли.

  7. 7

    Стравот од Господ е почеток на знаењето; глупавите ги презираат мудроста и поуката.

  8. 8

    Сине мој, слушај ја поуката на својот татко и не го отфрлај учењето на својата мајка,

  9. 9

    зашто тие ќе бидат прекрасен венец на твојата глава и украс околу твојот врат.

  10. 10

    Сине мој, ако грешници те мамат, не тргнувај со нив.

  11. 11

    Ако ти речат: „Дојди со нас! Да поставиме заседа за да пролееме крв; без причина да демнеме невин човек.

  12. 12

    Да ги проголтаме живи како гробот и цели како оние што слегуваат во јамата.

  13. 13

    Ќе најдеме секакво скапоцено богатство и ќе ги наполниме своите домови со плен.

  14. 14

    Придружи ни се; сѐ што ќе стекнеме ќе го делиме заедно.“

  15. 15

    Сине мој, не оди по нивниот пат; држи ги своите нозе подалеку од нивните патеки,

  16. 16

    зашто нивните нозе трчаат кон зло и брзаат да пролеат крв.

  17. 17

    Залудно се поставува мрежа пред очите на птицата,

  18. 18

    а тие самите си поставуваат заседа и го демнат сопствениот живот.

  19. 19

    Таков е патот на секој што копнее по неправедна добивка — алчноста му го одзема животот.

  20. 20

    Мудроста гласно повикува по улиците и го крева својот глас по плоштадите.

  21. 21

    Повикува среде градската врева и кај градските порти ги изговара своите зборови:

  22. 22

    „До кога, неразумни, ќе ја сакате својата неразумност? До кога потсмевачите ќе уживаат во потсмевањето, а безумните ќе го мразат знаењето?

  23. 23

    Прифатете го мојот укор и променете се! Еве, ќе го излеам својот дух врз вас и ќе ви ги објавам своите зборови.

  24. 24

    Ве повикував, но вие одбивавте; ја подадов раката, но никој не обрна внимание.

  25. 25

    Го отфрливте секој мој совет и не го прифативте мојот укор.

  26. 26

    Затоа и јас ќе се смеам кога ќе ве снајде несреќа; ќе се потсмевам кога ќе дојде она од што се плашите,

  27. 27

    кога стравот ќе ве нападне како бура, а несреќата ќе ве зафати како виор, кога ќе ве снајдат мака и неволја.

  28. 28

    Тогаш ќе ме повикуваат, но нема да им одговорам; ревносно ќе ме бараат, но нема да ме најдат,

  29. 29

    зашто го мразеа знаењето и не го избраа стравот од Господ.

  30. 30

    Не го сакаа мојот совет и го презреа секој мој укор.

  31. 31

    Затоа ќе го јадат плодот од својот пат и ќе се наситат од сопствените замисли.

  32. 32

    Застранувањето на неразумните ќе ги погуби, а безгрижноста на безумните ќе ги уништи.

  33. 33

    Но оној што ме слуша ќе живее безбедно и спокојно, без страв од зло.“