Прескокни кон главната содржина

Изреки

Глава 11

  1. Лажната вага Му е одвратна на Господ, а точниот тег Му е угоден.

  2. Кога доаѓа гордоста, по неа доаѓа и срамот; а со понизните е мудроста.

  3. Чесноста ги води праведните, а неверноста ги уништува измамниците.

  4. Богатството нема да помогне во денот на гневот, а праведноста избавува од смрт.

  5. Праведноста на непорочниот му го исправува патот, а безбожниот паѓа поради сопственото зло.

  6. Праведноста ги избавува чесните, а неверните се фаќаат во сопствената алчност.

  7. Кога умира безбожниот, исчезнува и неговата надеж; пропаѓа сето она на што ја полагал својата сила.

  8. Праведниот се избавува од неволја, а безбожниот доаѓа на негово место.

  9. Безбожникот со својата уста го уништува ближниот, а праведните преку знаење се избавуваат.

  10. Кога на праведните им оди добро, целиот град се радува; кога безбожните пропаѓаат, се слуша радосен восклик.

  11. Со благословот на чесните градот се издигнува, а со устата на безбожните се разурнува.

  12. Кој го презира својот ближен покажува дека му недостига расудување, а човекот што има разбирање знае да молчи.

  13. Клеветникот ги открива доверените тајни, а верниот човек знае да ги чува.

  14. Каде што нема мудро водство, народот пропаѓа; а каде што има многу добри советници, таму има сигурност.

  15. Кој гарантира за туѓ човек ќе си навлече неволја, а оној што избегнува такви обврски живее безбедно.

  16. Благородната жена стекнува чест, а силните луѓе стекнуваат богатство.

  17. Милостивиот човек си прави добро и на самиот себе, а суровиот си нанесува зло.

  18. Безбожниот заработува измамлива плата, а оној што сее праведност добива сигурна награда.

  19. Кој цврсто се држи до праведноста оди кон живот, а кој трча по злото оди кон сопствената смрт.

  20. Изопаченото срце Му е одвратно на Господ, а оние што живеат непорочно Му се угодни.

  21. Биди сигурен: злобниот нема да остане неказнет, а потомството на праведните ќе биде избавено.

  22. Како златна алка во рилото на свиња е убава жена што нема здраво расудување.

  23. Желбата на праведните води само кон добро, а надежта на безбожните завршува со гнев.

  24. Еден великодушно раздава, а сепак има сѐ повеќе; друг задржува повеќе отколку што треба, а завршува во сиромаштија.

  25. Дарежливиот човек ќе напредува; оној што ги освежува другите и самиот ќе биде освежен.

  26. Кој го задржува житото, народот ќе го проколнува; а благослов ќе има над главата на оној што го продава.

  27. Кој ревносно го бара доброто наоѓа наклонетост, а кој го бара злото – злото ќе го снајде.

  28. Кој се надева на своето богатство ќе падне, а праведните ќе расцветаат како зелени лисја.

  29. Кој внесува немир во сопствениот дом ќе наследи само ветер, а безумниот ќе му служи на мудриот.

  30. Плодот на праведниот е дрво на животот, а мудриот придобива луѓе.

  31. Ако и праведниот ја прима својата отплата на земјата, колку повеќе безбожниот и грешникот!