Прескокни кон главната содржина

Изреки

Глава 12

  1. 1

    Кој ја сака поуката, го сака знаењето; а кој го мрази укорот постапува глупаво.

  2. 2

    Добриот човек добива наклонетост од Господ, а човекот што смислува зло Тој го осудува.

  3. 3

    Човек не може да се зацврсти со безбожност, а коренот на праведните нема да се поколеба.

  4. 4

    Добродетелната жена е венец на својот маж, а онаа што го посрамува е како гнилеж во неговите коски.

  5. 5

    Мислите на праведните се исправни, а советите на безбожните се измамливи.

  6. 6

    Зборовите на безбожните поставуваат заседа за крв, а устата на чесните ги избавува.

  7. 7

    Безбожните се соборени и ги нема, а домот на праведните останува цврст.

  8. 8

    Човекот е пофален според своето разбирање, а оној со изопачено срце ќе биде презрен.

  9. 9

    Подобро е човек да биде скромен и да има што му треба, отколку да се прави важен, а да нема ни леб.

  10. 10

    Праведниот се грижи и за животот на своето животно, а милоста на безбожните е сурова.

  11. 11

    Кој ја обработува својата земја ќе има доволно леб, а кој трча по празни работи нема расудување.

  12. 12

    Безбожниот копнее по пленот на злите, а коренот на праведните дава плод.

  13. 13

    Злите се фаќаат во стапица со гревот на своите усни, а праведниот се избавува од неволја.

  14. 14

    Од плодот на својата уста човек се наситува со добро, а делата на неговите раце му се враќаат.

  15. 15

    На глупавиот неговиот пат му изгледа исправен, а мудриот го слуша советот.

  16. 16

    Глупавиот веднаш го покажува својот гнев, а промислениот знае да ја премолчи навредата.

  17. 17

    Кој ја зборува вистината сведочи праведно, а лажниот сведок шири измама.

  18. 18

    Непромислените зборови прободуваат како меч, а јазикот на мудрите донесува исцелување.

  19. 19

    Вистинитите усни остануваат засекогаш, а лажливиот јазик трае само миг.

  20. 20

    Измама има во срцата на оние што смислуваат зло, а радост кај оние што советуваат за мир.

  21. 21

    Праведниот нема да биде совладан од зло, а безбожните ќе бидат исполнети со неволја.

  22. 22

    Лажливите усни Му се одвратни на Господ, а оние што постапуваат верно Му се угодни.

  23. 23

    Промислениот не се фали со своето знаење, а срцето на безумните ја разгласува нивната глупост.

  24. 24

    Вредната рака ќе владее, а мрзливата ќе биде принудена да служи.

  25. 25

    Грижата го притиска човечкото срце, а добриот збор го развеселува.

  26. 26

    Праведниот внимателно го избира својот пат, а патот на безбожните ги заведува.

  27. 27

    Мрзливиот не го користи ни она што го уловил, а вредниот човек го цени она што го стекнал.

  28. 28

    На патот на праведноста има живот; по таа патека нема смрт.