Изреки
Глава 13
- 1
Мудриот син ја прима поуката од својот татко, а потсмевачот не слуша укор.
- 2
Од плодот на својата уста човек ќе вкуси добро, а желбата на неверните е насилство.
- 3
Кој ја чува својата уста, го чува својот живот; кој непромислено ги отвора усните си навлекува пропаст.
- 4
Мрзливиот посакува, но нема ништо; а вредниот ќе биде богато наситен.
- 5
Праведниот ја мрази лагата, а безбожниот си навлекува срам и презир.
- 6
Праведноста го чува оној што оди чесно, а безбожноста го соборува грешникот.
- 7
Некој се прикажува како богат, а нема ништо; друг изгледа сиромашен, а има големо богатство.
- 8
Богатството може да послужи како откуп за животот на човекот, а сиромавиот не мора да се плаши од такви закани.
- 9
Светлината на праведните свети радосно, а светилката на безбожните ќе згасне.
- 10
Од гордоста произлегуваат само расправии, а мудроста е кај оние што прифаќаат совет.
- 11
Богатството стекнато набрзина се намалува, а кој собира малку по малку го зголемува.
- 12
Долго одложуваната надеж го разболува срцето, а исполнетата желба е дрво на животот.
- 13
Кој го презира дадениот збор ќе ги трпи последиците, а кој ја почитува заповедта ќе биде награден.
- 14
Учењето на мудриот е извор на животот и го оддалечува човекот од стапиците на смртта.
- 15
Доброто расудување носи наклонетост, а патот на неверните е тежок.
- 16
Промислениот постапува со знаење, а безумниот ја покажува својата глупост.
- 17
Лошиот гласник паѓа во неволја, а верниот пратеник донесува добро.
- 18
Сиромаштија и срам го чекаат оној што ја отфрла поуката, а кој го прифаќа укорот ќе биде почитуван.
- 19
Исполнетата желба ѝ е слатка на душата, а на безумните им е одвратно да се оддалечат од злото.
- 20
Кој оди со мудрите ќе стане мудар, а кој се дружи со безумните ќе си навлече зло.
- 21
Несреќата ги следи грешниците, а доброто им се враќа на праведните.
- 22
Добриот човек остава наследство и на своите внуци, а богатството на грешникот се чува за праведниот.
- 23
Нивата на сиромавиот може да даде изобилна храна, но неправдата може сѐ да уништи.
- 24
Кој ја штеди прачката го мрази својот син, а кој го љуби навреме го воспитува.
- 25
Праведниот јаде додека не се насити, а стомакот на безбожните останува празен.