Изреки
Глава 24
- 1
Не им завидувај на злите луѓе и не посакувај да бидеш со нив,
- 2
зашто нивното срце размислува за насилство, а нивните усни зборуваат за зло.
- 3
Со мудрост се гради домот, а со разбирање се зацврстува.
- 4
Со знаење неговите соби се полнат со секакво скапоцено и убаво богатство.
- 5
Мудриот човек има сила, а човекот со знаење ја зголемува својата моќ.
- 6
Со мудар совет води ја својата битка, зашто победата доаѓа со многу добри советници.
- 7
Мудроста е превисока за глупавиот; пред градската порта нема што мудро да каже.
- 8
Оној што постојано смислува зло ќе биде познат како човек со зли намери.
- 9
Замислата на глупоста е грев, а потсмевачот им е одвратен на луѓето.
- 10
Ако се обесхрабриш во денот на неволјата, мала е твојата сила.
- 11
Избавувај ги оние што ги водат кон смрт; спаси ги оние што ги носат на погубување.
- 12
Ако речеш: „Не знаевме за тоа“, зар Оној што ги испитува срцата нема да знае? Оној што го чува твојот живот знае сѐ и ќе му возврати на секој според неговите дела.
- 13
Сине мој, јади мед, зашто е добар; медот од саќето е сладок на твоето непце.
- 14
Таква нека ти биде и мудроста за душата. Ако ја најдеш, имаш иднина и твојата надеж нема да биде пресечена.
- 15
Не демни, безбожнику, пред домот на праведниот и не го разорувај неговото живеалиште,
- 16
зашто праведниот и седумпати да падне, повторно ќе стане, а безбожните ќе пропаднат во несреќата.
- 17
Не радувај се кога ќе падне твојот непријател и срцето нека не ти ликува кога ќе се сопне,
- 18
за да не го види Господ тоа и да Му биде одвратно, па да го одврати Својот гнев од него.
- 19
Не вознемирувај се поради злосторниците и не им завидувај на безбожните,
- 20
зашто злиот нема добра иднина, а светилката на безбожните ќе згасне.
- 21
Сине мој, имај страв од Господ и почитувај го царот; не мешај се со бунтовници,
- 22
Зашто нивната пропаст може да дојде ненадејно; кој знае каква несреќа можат да им донесат Господ и царот?
- 23
И овие зборови им припаѓаат на мудрите: не е добро при судењето да се гледа кој е човекот.
- 24
Кој ќе му рече на безбожниот: „Ти си праведен“, народите ќе го проколнуваат и племињата ќе го презираат.
- 25
Но оние што праведно го укоруваат безбожниот ќе имаат радост и врз нив ќе дојде добар благослов.
- 26
Искрениот и исправен одговор е како бакнеж на усните.
- 27
Најнапред подготви ја својата работа надвор и среди ја нивата; потоа гради го својот дом.
- 28
Не сведочи без причина против својот ближен и не мами со своите усни.
- 29
Не вели: „Како што ми направи тој, така ќе му направам и јас; ќе му вратам според неговите дела.“
- 30
Поминав покрај нивата на мрзливецот и покрај лозјето на човек кому му недостигаше расудување.
- 31
Сѐ беше обраснато со трње, коприви ја покриваа земјата, а камениот ѕид беше урнат.
- 32
Гледав, размислив за тоа и од она што го видов примив поука:
- 33
„Уште малку сон, уште малку дремка, уште малку склопени раце за одмор“ —
- 34
и сиромаштијата ќе ти дојде како разбојник, а немаштијата како вооружен човек.