Прескокни кон главната содржина

Изреки

Глава 25

  1. 1

    И ова се изреки на Соломон, кои ги препишале луѓето на Езекија, царот на Јуда.

  2. 2

    Божја слава е да сокрие нешто, а слава на царевите е да го истражат.

  3. 3

    Како што небесата се недостижни по височина и земјата по длабочина, така не може целосно да се истражи ни срцето на царевите.

  4. 4

    Отстрани ја згурата од среброто и златарот ќе добие чист материјал за сад.

  5. 5

    Отстрани го безбожниот од царското присуство и престолот ќе се зацврсти со праведност.

  6. 6

    Не возвишувај се пред царот и не застанувај на местото на големите,

  7. 7

    зашто подобро е да ти речат: „Дојди повисоко“, отколку да те понижат пред владетел кого твоите очи веќе го виделе.

  8. 8

    Не брзај да започнеш спор, зашто што ќе правиш на крајот ако твојот ближен те посрами?

  9. 9

    Расправи го својот случај со својот ближен, но не откривај туѓа тајна,

  10. 10

    за да не те посрами оној што ќе го чуе тоа и твојот лош глас да не остане.

  11. 11

    Збор кажан во вистинско време е како златни јаболка во сребрена изработка.

  12. 12

    Како златна обетка и украс од чисто злато е мудриот укор за увото што сака да слуша.

  13. 13

    Како свежината од снег среде жетва е верниот гласник за оние што го испратиле; тој им ја освежува душата.

  14. 14

    Како облаци и ветер без дожд е човек што се фали со дар што никогаш не го дал.

  15. 15

    Со трпение може да се придобие и владетел, а благиот јазик може да скрши и коска.

  16. 16

    Ако најдеш мед, јади колку што ти е доволно, за да не се прејадеш и да го повратиш.

  17. 17

    Не оди премногу често во домот на својот ближен, за да не му здодееш и да те замрази.

  18. 18

    Како боздоган, меч и остра стрела е човек што лажно сведочи против својот ближен.

  19. 19

    Да се надеваш на неверен човек во време на неволја е како да се потпираш на скршен заб или повредена нога.

  20. 20

    Како да му ја соблечеш облеката на човек во студен ден, или да истуриш оцет врз сода, така е да му пееш весели песни на нажалено срце.

  21. 21

    Ако твојот непријател е гладен, дај му леб да јаде; ако е жеден, дај му вода да пие.

  22. 22

    Така ќе натрупаш жар врз неговата глава, а Господ ќе ти возврати.

  23. 23

    Како што северниот ветер донесува дожд, така клеветничкиот јазик предизвикува гневен поглед.

  24. 24

    Подобро е да живееш во агол на покривот отколку во голема куќа со кавгаџиска жена.

  25. 25

    Како студена вода за изморена душа е добра вест од далечна земја.

  26. 26

    Како заматен извор и загадена чешма е праведниот што попушта пред безбожниот.

  27. 27

    Не е добро да се јаде премногу мед, ниту е чест човек да ја бара сопствената слава.

  28. 28

    Како разурнат град без ѕидови е човек што не знае да владее со својот дух.