Прескокни кон главната содржина

Изреки

Глава 26

  1. 1

    Како снег во лето и дожд за време на жетва, така честа не му прилега на безумен човек.

  2. 2

    Како врапче што прелетува и ластовичка што лета, така проклетството без причина нема да ја погоди својата цел.

  3. 3

    Камшикот е за коњот, уздата за магарето, а стапот за грбот на безумните.

  4. 4

    Не одговарај му на безумниот според неговата глупост, за и самиот да не станеш како него.

  5. 5

    Одговори му на безумниот така што ќе ја разоткриеш неговата глупост, за да не се смета себеси за мудар.

  6. 6

    Кој испраќа порака преку безумен човек, како самиот да си ги отсекува нозете и да си нанесува штета.

  7. 7

    Како што нозете на сакатиот висат беспомошно, така е изреката во устата на безумниот.

  8. 8

    Да му дадеш чест на безумен човек е како да врзеш камен во праќа.

  9. 9

    Како трн во раката на пијаница е изреката во устата на безумниот.

  10. 10

    Како стрелец што ранува секого е оној што вработува безумен човек или случаен минувач.

  11. 11

    Како куче што се враќа на својата повраќаница, така безумниот повторно се враќа на својата глупост.

  12. 12

    Гледаш ли човек што самиот се смета за мудар? Повеќе надеж има за безумниот отколку за него.

  13. 13

    Мрзливецот вели: „Лав има на патот! Лав има среде улиците!“

  14. 14

    Како што вратата се врти на своите шарки, така мрзливецот се превртува на својата постела.

  15. 15

    Мрзливецот ја става раката во чинијата, но му е тешко повторно да ја крене до устата.

  16. 16

    Мрзливецот се смета себеси за помудар од седуммина што умеат разумно да одговорат.

  17. 17

    Кој се вмешува во туѓа кавга е како човек што фаќа куче за ушите.

  18. 18

    Како луд човек што фрла огнени стрели и сее смрт,

  19. 19

    таков е човекот што го измамува својот ближен, а потоа вели: „Само се шегував!“

  20. 20

    Кога нема дрва, огнот згаснува; кога нема клеветник, расправијата стивнува.

  21. 21

    Како јаглен за жарот и дрва за огнот, таков е кавгаџијата што постојано разгорува расправии.

  22. 22

    Зборовите на клеветникот се како вкусни залаци; слегуваат длабоко во човековата внатрешност.

  23. 23

    Ласкави усни со злобно срце се како земјен сад премачкан со нечисто сребро.

  24. 24

    Оној што мрази го прикрива тоа со своите усни, а во срцето крие измама.

  25. 25

    И кога зборува мило, не верувај му, зашто во неговото срце има многу одвратни работи.

  26. 26

    Иако омразата ја прикрива со измама, неговата злоба ќе се открие пред сите.

  27. 27

    Кој копа јама, самиот ќе падне во неа; кој тркала камен врз друг, каменот ќе му се врати.

  28. 28

    Лажливиот јазик ги мрази оние што ги повредува, а ласкавата уста води кон пропаст.