Прескокни кон главната содржина

Изреки

Глава 3

  1. 1

    Сине мој, не го заборавај моето учење; твоето срце нека ги чува моите заповеди,

  2. 2

    зашто тие ќе ти донесат долг живот, многу години и мир.

  3. 3

    Милоста и верноста нека не те напуштаат; врзи ги околу својот врат и запиши ги на плочата на своето срце.

  4. 4

    Така ќе најдеш наклонетост и добар углед пред Бог и пред луѓето.

  5. 5

    Надевај се на Господ со сето свое срце и не потпирај се на сопственото разбирање.

  6. 6

    На сите свои патишта признавај Го Него, и Тој ќе ги исправи твоите патеки.

  7. 7

    Не мисли дека самиот си мудар; имај страв од Господ и оддалечувај се од злото.

  8. 8

    Тоа ќе биде лек за твоето тело и освежување за твоите коски.

  9. 9

    Почитувај Го Господ со својот имот и со првите плодови од сиот свој принос.

  10. 10

    Тогаш твоите житници ќе бидат полни со изобилство, а каците ќе ти се прелеваат со ново вино.

  11. 11

    Сине мој, не ја презирај Господовата поука и не отфрлај го Неговиот укор,

  12. 12

    зашто Господ го исправува оној што го љуби, како татко синот што му е мил.

  13. 13

    Блажен е човекот што нашол мудрост и оној што стекнал разбирање,

  14. 14

    зашто нејзината добивка е подобра од сребро, а нејзиниот плод е повреден од чисто злато.

  15. 15

    Таа е поскапоцена од скапоцени камења; ништо што посакуваш не може да се спореди со неа.

  16. 16

    Во нејзината десница е долг живот, а во левицата богатство и чест.

  17. 17

    Нејзините патишта се пријатни и сите нејзини патеки водат кон мир.

  18. 18

    Таа е дрво на животот за оние што се држат за неа; блажени се оние што цврсто ја чуваат.

  19. 19

    Господ со мудрост ја основа земјата и со разбирање ги утврди небесата.

  20. 20

    Со Неговото знаење се отворија бездните, а облаците пуштаат роса.

  21. 21

    Сине мој, не губи ги од вид мудроста и промисленоста; чувај ги.

  22. 22

    Тие ќе бидат живот за твојата душа и украс околу твојот врат.

  23. 23

    Тогаш безбедно ќе одиш по својот пат и твојата нога нема да се сопне.

  24. 24

    Кога ќе легнеш, нема да се плашиш; ќе легнеш и сонот ќе ти биде сладок.

  25. 25

    Не плаши се од ненадеен ужас, ниту од пропаста што ќе ги снајде безбожните,

  26. 26

    зашто Господ ќе биде твојата сигурност и ќе ја чува твојата нога од стапица.

  27. 27

    Не задржувај го доброто од оној кому му припаѓа, кога е во твоја моќ да го направиш.

  28. 28

    Не вели му на својот ближен: „Оди си, па дојди утре и тогаш ќе ти дадам“, ако веќе го имаш она што му е потребно.

  29. 29

    Не смислувај зло против својот ближен, додека тој спокојно живее покрај тебе.

  30. 30

    Не започнувај расправија со човек без причина, ако не ти направил зло.

  31. 31

    Не завидувај му на насилниот човек и не избирај ниеден од неговите патишта.

  32. 32

    Зашто изопачениот Му е одвратен на Господ, а со чесните Тој има блиско заедништво.

  33. 33

    Господовото проклетство е врз домот на безбожниот, а домот на праведните Тој го благословува.

  34. 34

    На потсмевачите им се потсмева, а на понизните им дава милост.

  35. 35

    Мудрите ќе наследат чест, а безумните ќе завршат во срам.