Прескокни кон главната содржина

Изреки

Глава 4

  1. 1

    Слушајте, синови, татковска поука; внимавајте за да стекнете разбирање.

  2. 2

    Зашто ви давам добра поука; не го оставајте моето учење.

  3. 3

    И јас бев син на својот татко, нежен и многу драг на својата мајка.

  4. 4

    Тој ме поучуваше и ми велеше: „Чувај ги моите зборови во своето срце; пази ги моите заповеди и ќе живееш.

  5. 5

    Стекнувај мудрост, стекнувај разбирање; не заборавај ги зборовите на мојата уста и не отстапувај од нив.

  6. 6

    Не оставај ја мудроста и таа ќе те чува; љуби ја и таа ќе те заштитува.

  7. 7

    Најважно е да стекнеш мудрост; затоа стекнувај мудрост, а со сѐ што имаш стекнувај и разбирање.

  8. 8

    Цени ја високо и таа ќе те возвиши; прегрни ја и ќе ти донесе чест.

  9. 9

    Ќе ти стави прекрасен венец на главата и ќе те украси со славна круна.“

  10. 10

    Слушај, сине мој, и прими ги моите зборови, и годините на твојот живот ќе се умножат.

  11. 11

    Те поучувам на патот на мудроста и те водам по прави патеки.

  12. 12

    Кога ќе одиш, ништо нема да ти го попречува чекорот; кога ќе трчаш, нема да се сопнеш.

  13. 13

    Држи се цврсто за поуката и не пуштај ја; чувај ја, зашто таа е твојот живот.

  14. 14

    Не стапнувај на патот на безбожните и не оди по патеката на злите.

  15. 15

    Избегнувај ја; не поминувај по неа. Сврти се од неа и продолжи понатаму.

  16. 16

    Зашто тие не можат да заспијат ако не направат зло; сонот им бега ако не соборат некого.

  17. 17

    Јадат леб стекнат со беззаконие и пијат вино стекнато со насилство.

  18. 18

    Но патеката на праведните е како светлината на зората, која свети сѐ посилно додека не стане полн ден.

  19. 19

    Патот на безбожните е како густа темнина; тие не знаат од што ќе се сопнат.

  20. 20

    Сине мој, внимавај на моите зборови и внимателно слушај што ти зборувам.

  21. 21

    Не губи ги од вид; чувај ги длабоко во своето срце,

  22. 22

    зашто тие се живот за оние што ги наоѓаат и здравје за целото нивно тело.

  23. 23

    Над сѐ друго, чувај го своето срце, зашто од него извира животот.

  24. 24

    Отстрани ја од себе измамливата уста и држи ги далеку изопачените зборови.

  25. 25

    Твоите очи нека гледаат право напред, а погледот нека ти биде насочен пред тебе.

  26. 26

    Внимателно избирај ја патеката по која одиш и сите твои патишта нека бидат сигурни.

  27. 27

    Не свртувај ни десно ни лево; држи ја својата нога подалеку од злото.