Прескокни кон главната содржина

Изреки

Глава 5

  1. 1

    Сине мој, внимавај на мојата мудрост и внимателно слушај го моето разбирање,

  2. 2

    за да го зачуваш расудувањето и твоите усни да го чуваат знаењето.

  3. 3

    Усните на туѓата жена капат мед и нејзините зборови се помазни од масло,

  4. 4

    но на крајот таа е горчлива како пелин и остра како меч со две острици.

  5. 5

    Нејзините нозе се спуштаат кон смртта, а чекорите ѝ водат кон гробот.

  6. 6

    Таа не се грижи за патот на животот; нејзините патеки скршнуваат, а таа и не го забележува тоа.

  7. 7

    Затоа сега, синови, слушајте ме и не отстапувајте од зборовите на мојата уста.

  8. 8

    Држи го својот пат далеку од неа и не приближувај се до вратата на нејзиниот дом,

  9. 9

    за да не им ја предадеш својата чест на други и годините од својот живот на сурови луѓе,

  10. 10

    туѓинци да не се наситат од твојата сила, а плодот од твојата работа да не заврши во туѓ дом.

  11. 11

    На крај ќе офкаш, кога телото и силата ќе ти се истрошат,

  12. 12

    и ќе речеш: „Како можев да ја мразам поуката и моето срце да го презира укорот!

  13. 13

    Не ги слушав своите учители и не им обрнував внимание на оние што ме поучуваа.

  14. 14

    За малку ќе западнев во целосна пропаст среде собранието и заедницата.“

  15. 15

    Пиј вода од својот бунар и свежа вода од сопствениот извор.

  16. 16

    Зар твоите извори треба да се разлеваат по улиците и твоите водни потоци по плоштадите?

  17. 17

    Нека бидат само твои, а не заеднички со туѓинци.

  18. 18

    Нека биде благословен твојот извор и радувај се со жената на својата младост.

  19. 19

    Таа нека ти биде како мила срна и прекрасна кошута; нејзините гради нека те наситуваат во секое време и нејзината љубов постојано нека те занесува.

  20. 20

    Зошто, сине мој, да се занесуваш по туѓа жена и да ја прегрнуваш прељубницата?

  21. 21

    Зашто патиштата на човекот се пред Господовите очи и Тој внимателно ги гледа сите негови патеки.

  22. 22

    Безбожниот ќе биде фатен во сопствените беззаконија; јажињата на неговиот грев ќе го врзат.

  23. 23

    Ќе умре затоа што ја отфрлил поуката и ќе застрани поради својата голема глупост.