Прескокни кон главната содржина

Изреки

Глава 31

  1. 1

    Зборови на царот Лемуел — поуката со која го воспитувала неговата мајка:

  2. 2

    „Што да ти кажам, сине мој? Што да ти кажам, сине на мојата утроба, сине за кого се молев?

  3. 3

    Не им ја давај својата сила на жените, ниту тргнувај по патишта што уништуваат цареви.

  4. 4

    Не им прилега на царевите, Лемуеле, не им прилега на царевите да пијат вино, ниту на владетелите да копнеат по силен пијалак,

  5. 5

    за да не се напијат, па да го заборават законот и да ја изопачат правдата на угнетените.

  6. 6

    Дај му силен пијалак на оној што пропаѓа и вино на оној чија душа е огорчена.

  7. 7

    Нека пие и нека ја заборави својата сиромаштија и повеќе да не се сеќава на својата мака.

  8. 8

    Отвори ја устата за оној што не може самиот да зборува, брани ги правата на оние што се беспомошни.

  9. 9

    Отвори ја устата, суди праведно и брани ги сиромавиот и бедниот.

  10. 10

    Добродетелна жена — кој може да ја најде? Нејзината вредност е многу поголема од скапоцени камења.

  11. 11

    Срцето на нејзиниот маж има целосна доверба во неа и ништо добро нема да му недостига.

  12. 12

    Таа му прави добро, а не зло, во сите денови на својот живот.

  13. 13

    Набавува волна и лен и со задоволство работи со своите раце.

  14. 14

    Таа е како трговски бродови — оддалеку ја донесува храната за својот дом.

  15. 15

    Станува уште додека е ноќ, му дава храна на својот дом и им ја определува работата на своите слугинки.

  16. 16

    Разгледува нива и ја купува; од заработката на своите раце засадува лозје.

  17. 17

    Се препашува со сила и ги зацврстува своите раце за работа.

  18. 18

    Гледа дека нејзината работа носи добар плод; нејзината светилка не згаснува ни ноќе.

  19. 19

    Со рацете го зема вретеното и со прстите ја држи преслицата.

  20. 20

    Ја отвора својата рака за сиромавиот и ги подава рацете кон бедниот.

  21. 21

    Не се плаши од снег за својот дом, зашто сите во нејзиниот дом се облечени во црвена облека.

  22. 22

    Сама изработува покривки; облеката ѝ е од фин лен и пурпур.

  23. 23

    Нејзиниот маж е почитуван кај градските порти, каде што седи со старешините на земјата.

  24. 24

    Таа изработува ленени облеки и ги продава, а на трговците им доставува појаси.

  25. 25

    Силата и достоинството се нејзина облека и без страв гледа кон иднината.

  26. 26

    Ја отвора устата со мудрост, а на нејзиниот јазик е поука исполнета со добрина.

  27. 27

    Внимателно се грижи за сѐ што се случува во нејзиниот дом и не јаде леб стекнат со мрзливост.

  28. 28

    Нејзините деца стануваат и ја нарекуваат блажена; и нејзиниот маж ја фали:

  29. 29

    „Многу жени покажале доблест, но ти ги надмина сите!“

  30. 30

    Привлечноста може да измами, а убавината е минлива; но жената што има страв од Господ заслужува пофалба.

  31. 31

    Дајте ѝ го плодот од нејзините раце и нејзините дела нека ја фалат пред градските порти.