Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 106

  1. 1

    Алилуја! Благодарете Му на Господ, зашто Тој е добар и Неговата милост трае довека.

  2. 2

    Кој може да ги раскаже сите Господови моќни дела или целосно да ја искаже Неговата пофалба?

  3. 3

    Блажени се оние што ја чуваат правдата и во секое време постапуваат праведно.

  4. 4

    Сети се и на мене, Господи, кога му покажуваш милост на Својот народ; дојди ми со Своето спасение,

  5. 5

    за да ја видам благосостојбата на Твоите избраници, да се радувам со Твојот народ и да се веселам со Твоето наследство.

  6. 6

    И ние згрешивме како нашите татковци; направивме беззаконие и постапувавме злобно.

  7. 7

    Нашите татковци во Египет не ги разбраа Твоите чудесни дела и не се сетија на изобилството од Твојата милост, туку се побунија кај Црвеното Море.

  8. 8

    Сепак, Тој ги спаси поради Своето име, за да ја покаже Својата голема сила.

  9. 9

    Му се закани на Црвеното Море и тоа се исуши; потоа ги поведе низ морските длабочини како по пустина.

  10. 10

    Ги спаси од раката на оние што ги мразеа и ги избави од моќта на непријателот.

  11. 11

    Водите ги прекрија нивните противници; ниту еден од нив не остана.

  12. 12

    Тогаш тие поверуваа во Неговите зборови и Му запеаја пофалба.

  13. 13

    Но набргу ги заборавија Неговите дела и не чекаа да се исполни Неговата намера.

  14. 14

    Во пустината се предадоа на своите желби и Го искушуваа Бог во безводната земја.

  15. 15

    Тој им го даде она што го бараа, но во нивните души испрати слабост.

  16. 16

    Во логорот му позавидеа на Мојсеј, а и на Арон, кого Господ го беше посветил.

  17. 17

    Тогаш земјата се отвори и го проголта Датан, а ја покри и дружината на Авирам.

  18. 18

    Меѓу нив се разгоре оган и пламенот ги проголта безбожниците.

  19. 19

    Кај Хорев направија теле и му се поклонија на излеан идол.

  20. 20

    Така својата Слава ја заменија за лик на вол што јаде трева.

  21. 21

    Го заборавија Бог, својот Спасител, Кој направи големи дела во Египет,

  22. 22

    правеше чудеса во Хамовата земја и страшни дела кај Црвеното Море.

  23. 23

    Тој веќе рече дека ќе ги уништи, но Мојсеј, Неговиот избраник, застана пред Него и го одврати Неговиот гнев.

  24. 24

    Потоа ја презреа прекрасната земја и не му поверуваа на Неговиот збор.

  25. 25

    Негодуваа во своите шатори и не сакаа да го слушаат Господовиот глас.

  26. 26

    Затоа Тој ја крена Својата рака и се заколна дека ќе ги погуби во пустината,

  27. 27

    дека нивното потомство ќе го распрсне меѓу народите и ќе го растера по земјите.

  28. 28

    Потоа се приврзаа кон Баал-Пеор и јадеа од жртвите принесени на мртви богови.

  29. 29

    Со своите дела Го разгневија Бог, и меѓу нив избувна помор.

  30. 30

    Тогаш стана Пинхас и изврши суд, па поморот престана.

  31. 31

    И тоа му беше сметано за праведност од поколение во поколение, довека.

  32. 32

    Го разгневија Господ и кај водите на Мерива, па поради нив и Мојсеј пострада.

  33. 33

    Зашто го огорчија неговиот дух, и тој зборуваше непромислено со своите усни.

  34. 34

    Не ги истребија народите како што Господ им беше заповедал.

  35. 35

    Наместо тоа, се измешаа со нив и ги прифатија нивните дела.

  36. 36

    Почнаа да им служат на нивните идоли, а тие им станаа стапица.

  37. 37

    Дури ги жртвуваа своите синови и ќерки на демоните.

  38. 38

    Пролеваа невина крв – крвта на сопствените синови и ќерки, кои им ги жртвуваа на хананските идоли – и земјата се оскверни со таа крв.

  39. 39

    Така се осквернија со своите дела и Му станаа неверни преку своите постапки.

  40. 40

    Затоа Господовиот гнев се разгоре против Неговиот народ, и Тој се згнаси од Своето наследство.

  41. 41

    Ги предаде во рацете на другите народи, па над нив завладеаја оние што ги мразеа.

  42. 42

    Непријателите ги угнетуваа и ги потчинија под своја власт.

  43. 43

    Многупати Тој ги избавуваше, но тие упорно се бунтуваа според своите намери и сѐ подлабоко тонеа во своето беззаконие.

  44. 44

    Сепак, кога го слушна нивниот повик, Тој погледна на нивната неволја.

  45. 45

    Поради нив се сети на Својот завет и, според Својата голема милост, повторно се смилува.

  46. 46

    Направи да најдат милост пред сите што ги држеа во ропство.

  47. 47

    Спаси нѐ, Господи, Боже наш, и собери нѐ од народите, за да Му благодариме на Твоето свето име и радосно да Те прославуваме.

  48. 48

    Славен нека биде Господ, Израелевиот Бог, од вечноста и довека! И сиот народ нека рече: „Амин!“ Алилуја!