Псалми
Глава 105
- 1
Благодарете Му на Господ и повикувајте го Неговото име; меѓу народите разгласувајте ги Неговите дела.
- 2
Пејте Му, упатувајте Му пофалба и раскажувајте за сите Негови чудесни дела.
- 3
Гордејте се со Неговото свето име; нека се радуваат срцата на оние што Го бараат Господ.
- 4
Барајте Го Господ и Неговата сила; постојано барајте го Неговото лице.
- 5
Сеќавајте се на чудесните дела што ги направи, на Неговите знаци и на судовите што ги изговори,
- 6
вие, потомци на Авраам, Неговиот слуга, и Јаковови синови, Негови избраници.
- 7
Тој е Господ, нашиот Бог, и Неговите судови важат по целата земја.
- 8
Тој довека се сеќава на Својот завет, на зборот што го даде за илјада поколенија,
- 9
се сеќава на заветот што го склучи со Авраам и на заклетвата што му ја даде на Исак.
- 10
Потоа тоа му го потврди на Јаков како одредба, а на Израел како вечен завет,
- 11
кога рече: „Тебе ќе ти ја дадам хананската земја и таа ќе биде дел од вашето наследство.“
- 12
Во тоа време тие беа малубројни, сосема малкумина, и беа туѓинци во таа земја.
- 13
Се селеа од народ до народ, од едно царство кај друг народ.
- 14
Но Тој не дозволи никој да ги угнетува и поради нив укоруваше цареви:
- 15
„Не допирајте ги Моите помазаници и не нанесувајте им зло на Моите пророци!“
- 16
Потоа повика глад врз земјата и го прекина секој извор на храна.
- 17
Но пред нив испрати еден човек – Јосиф, кој беше продаден како роб.
- 18
Нозете му ги стегнаа со окови, а околу вратот му ставија железен синџир,
- 19
сѐ додека не дојде времето да се исполни она што го беше кажал и Господовиот збор не ја потврди неговата верност.
- 20
Тогаш царот заповеда да го ослободат; владетелот на народите го пушти на слобода.
- 21
Го постави за господар над својот дом и за управител над сиот свој имот,
- 22
за да ги поучува владетелите според својата волја и на мудрост да ги учи неговите старешини.
- 23
Потоа Израел дојде во Египет, а Јаков се насели во Хамовата земја.
- 24
Господ силно го намножи Својот народ и го направи помоќен од неговите противници.
- 25
Тој им го промени срцето на Египќаните, па тие го замразија Неговиот народ и почнаа лукаво да постапуваат со Неговите слуги.
- 26
Тогаш го испрати Мојсеј, Својот слуга, и Арон, кого го беше избрал.
- 27
Преку нив ги направи Своите знаци и чудеса во Хамовата земја.
- 28
Испрати темнина и настана густ мрак; тие не им се спротивставија на Неговите зборови.
- 29
Водите им ги претвори во крв и ги погуби нивните риби.
- 30
Нивната земја се наполни со жаби, дури и во одаите на нивните цареви.
- 31
Тој рече, и дојдоа роеви муви и мушички по сите нивни краишта.
- 32
Наместо дожд им испрати град, а пламен оган ја зафати нивната земја.
- 33
Им ги уништи лозјата и смоквите и ги искрши дрвјата по нивните краишта.
- 34
Тој рече, и дојдоа скакулци и безброј гасеници.
- 35
Тие ја изедоа сета растителност во нивната земја и сиот плод на нивните ниви.
- 36
Потоа ги погуби сите првородени во нивната земја, првината на сета нивна сила.
- 37
А Својот народ го изведе со сребро и злато, и меѓу Неговите племиња немаше изнемоштен.
- 38
Египет се радуваше кога тие заминаа, зашто стравот од нив го беше обзел.
- 39
Господ распна облак како покрив над нив, а ноќе им даде оган да им свети.
- 40
Тие побараа храна, и Тој им донесе потполошки и ги насити со небесен леб.
- 41
Ја расцепи карпата и бликна вода, која потече низ сувата земја како река.
- 42
Зашто се сети на Своето свето ветување дадено на Авраам, Својот слуга.
- 43
Така го изведе Својот народ со радост, а Своите избраници со радосни песни.
- 44
Им ги даде земјите на другите народи, и тие го наследија плодот од нивниот труд,
- 45
за да ги пазат Неговите заповеди и да живеат според Неговите закони. Алилуја!