Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 104

  1. 1

    Слави Го Господ, душо моја! Господи, Боже мој, колку си велик! Облечен си во сјај и величие.

  2. 2

    Светлината ја носиш како облека, а небото го распнуваш како завеса.

  3. 3

    Над водите ги поставуваш Своите високи живеалишта; облаците ги правиш Своја кола и се движиш врз крилјата на ветерот.

  4. 4

    Ветровите ги правиш Свои гласници, а пламениот оган Свој слуга.

  5. 5

    Ти ја постави земјата врз нејзините темели, за никогаш да не биде разнишана.

  6. 6

    Ја покри со бездната како со облека, и водите стоеја над планините.

  7. 7

    Но од Твојата закана тие побегнаа; од гласот на Твојот гром нагло се повлекоа.

  8. 8

    Планините се издигнаа, а долините се спуштија на местото што Ти им го одреди.

  9. 9

    Им постави граница што не смеат да ја преминат, за никогаш повеќе водите да не ја покријат земјата.

  10. 10

    Ти пушташ извори низ долините и тие течат меѓу планините.

  11. 11

    Од нив пијат сите полски ѕверови, а дивите осли ја гасат својата жед.

  12. 12

    Покрај тие води живеат небесните птици и меѓу гранките го пуштаат својот глас.

  13. 13

    Од Своите високи живеалишта ги напојуваш планините, а земјата се наситува од плодот на Твоите дела.

  14. 14

    Ти правиш да никнува трева за добитокот и растенија за човекот да ги обработува, за од земјата да добива храна:

  15. 15

    вино што го развеселува човечкото срце, масло што му го освежува лицето и леб што му дава сила.

  16. 16

    Господовите дрвја се наситуваат со вода, ливанските кедри што Тој ги насади.

  17. 17

    Во нив птиците ги прават своите гнезда, а елките му се дом на штркот.

  18. 18

    Високите планини се прибежиште за дивите кози, а карпите засолниште за јазовците.

  19. 19

    Тој ја постави месечината да ги одредува времињата, а сонцето знае кога треба да зајде.

  20. 20

    Ти испраќаш темнина и настапува ноќта; тогаш се раздвижуваат сите шумски ѕверови.

  21. 21

    Младите лавови рикаат по плен и од Бог ја бараат својата храна.

  22. 22

    Кога сонцето ќе изгрее, тие се повлекуваат и легнуваат во своите легла.

  23. 23

    Тогаш човекот излегува на својата работа и се труди сѐ до вечерта.

  24. 24

    Колку се многубројни Твоите дела, Господи! Сите си ги создал со мудрост; земјата е исполнета со она што Ти си го создал.

  25. 25

    Пред нас е големото и широко море; во него врие од безброј живи суштества, и мали и големи.

  26. 26

    Таму пловат бродовите, а таму е и Левијатан, кого го создаде да игра во морето.

  27. 27

    Сите тие гледаат кон Тебе, чекајќи да им дадеш храна во вистинското време.

  28. 28

    Кога им даваш храна, тие ја собираат; кога ја отвораш Својата рака, се наситуваат со добро.

  29. 29

    Но кога го криеш Своето лице, се вознемируваат; кога им го одземаш здивот, умираат и се враќаат во правта.

  30. 30

    Кога го испраќаш Својот Дух, тие се создаваат, и Ти повторно го обновуваш лицето на земјата.

  31. 31

    Нека трае Господовата слава довека; нека се радува Господ на Своите дела.

  32. 32

    Само да погледне кон земјата, таа трепери; само да ги допре планините, тие чадат.

  33. 33

    Ќе Му пеам на Господ додека сум жив; ќе Му упатувам пофалба на мојот Бог сѐ додека постојам.

  34. 34

    Нека Му биде угодно моето размислување, а јас ќе се радувам во Господ.

  35. 35

    Нека исчезнат грешниците од земјата и нека ги снема безбожниците. Слави Го Господ, душо моја! Алилуја!