Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 103

  1. 1

    Слави Го Господ, душо моја; сѐ што е во мене нека го слави Неговото свето име.

  2. 2

    Слави Го Господ, душо моја, и не заборавај ниту едно од добрата што Тој ги направи за тебе.

  3. 3

    Тој ти ги простува сите беззаконија и ги исцелува сите твои болести.

  4. 4

    Тој го избавува твојот живот од гробот и те овенчува со Својата милост и милосрдие.

  5. 5

    Тој го исполнува твојот живот со добро, па твојата младост се обновува како младоста на орелот.

  6. 6

    Господ донесува правда и праведен суд за сите што се угнетени.

  7. 7

    На Мојсеј му ги откри Своите патишта, а на Израелевите синови Своите дела.

  8. 8

    Сочувствителен и милостив е Господ, бавен на гнев и богат со милост.

  9. 9

    Нема засекогаш да укорува, ниту вечно ќе го задржи Својот гнев.

  10. 10

    Не нѐ третира според нашите гревови, ниту ни враќа според нашите беззаконија.

  11. 11

    Колку што е небото високо над земјата, толку е голема Неговата милост кон оние што имаат страв од Него.

  12. 12

    Колку што е истокот далеку од западот, толку далеку ги отстрани од нас нашите престапи.

  13. 13

    Како што таткото се сожалува над своите деца, така Господ се сожалува над оние што имаат страв од Него.

  14. 14

    Зашто Тој добро знае од што сме создадени и си спомнува дека сме само прав.

  15. 15

    Човековите денови се како трева; тој процветува како полски цвет.

  16. 16

    Но кога ветерот ќе помине над него, го снемува, и местото каде што бил веќе не го познава.

  17. 17

    А Господовата милост е од вечноста и останува довека над оние што имаат страв од Него, а Неговата праведност е и над децата на нивните деца,

  18. 18

    над оние што го пазат Неговиот завет и не ги забораваат Неговите заповеди, туку ги извршуваат.

  19. 19

    Господ го постави Својот престол на небесата, а Неговото царство владее над сѐ.

  20. 20

    Славете Го Господ, Негови ангели, силни јунаци што го извршувате Неговиот збор и го слушате гласот на Неговата заповед.

  21. 21

    Славете Го Господ, сите Негови војски, вие Негови слуги што ја исполнувате Неговата волја.

  22. 22

    Славете Го Господ, сите Негови дела, на секое место под Неговата власт. Слави Го Господ, душо моја!