Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 102

  1. 1

    Господи, слушни ја мојата молитва; нека стигне до Тебе мојот повик.

  2. 2

    Не го криј Своето лице од мене во денот на мојата неволја. Приклони го Своето уво кон мене и, кога Те повикувам, одговори ми брзо.

  3. 3

    Зашто моите денови исчезнуваат како дим, а коските ми горат како огниште.

  4. 4

    Срцето ми е погодено и исушено како трева, па дури заборавам и да јадам.

  5. 5

    Од силното воздивнување коските ми се прилепија за кожата.

  6. 6

    Заприличив на пеликан во пустината, како був што живее меѓу урнатините.

  7. 7

    Не можам да заспијам; станав како осамена птица на покрив.

  8. 8

    Секој ден непријателите ме навредуваат, а оние што беснеат против мене го употребуваат моето име како клетва.

  9. 9

    Пепел јадам како да ми е леб, а пијалакот го мешам со солзи,

  10. 10

    поради Твојот гнев и Твојата лутина, зашто ме крена, а потоа ме отфрли.

  11. 11

    Моите денови се како сенка што се издолжува, а јас венеам како трева.

  12. 12

    Но Ти, Господи, царуваш довека, и споменот за Тебе останува низ сите поколенија.

  13. 13

    Ти ќе станеш и ќе му се смилуваш на Сион, зашто дојде времето да му покажеш милост; настапи определениот час.

  14. 14

    Зашто на Твоите слуги им се мили дури и неговите камења, а жал им е и за неговата прашина.

  15. 15

    Тогаш народите ќе имаат страв од Господовото име, а сите земни цареви ќе се восхитуваат на Твојата слава.

  16. 16

    Зашто Господ повторно ќе го изгради Сион и ќе се појави во Својата слава.

  17. 17

    Ќе се сврти кон молитвата на беспомошните и нема да го презре нивниот повик.

  18. 18

    Нека се запише ова за идното поколение, за народот што допрва ќе биде создаден да Го слави Господ.

  19. 19

    Зашто Тој погледна од Својата света височина; Господ се наведна од небото кон земјата,

  20. 20

    за да го чуе воздивнувањето на затворениците и да ги ослободи оние што беа осудени на смрт,

  21. 21

    за на Сион да се објавува Господовото име и во Ерусалим да се разгласува Неговата пофалба,

  22. 22

    кога народите и царствата ќе се соберат заедно да Му служат на Господ.

  23. 23

    Тој ми ја ослабна силата на патот и ми ги скрати деновите.

  24. 24

    Тогаш реков: „Боже мој, не земај ме на половината од моите денови; Твоите години траат низ сите поколенија.

  25. 25

    Уште одамна Ти ја положи основата на земјата, а небесата се дело на Твоите раце.

  26. 26

    Тие ќе исчезнат, но Ти ќе останеш; сите ќе остарат како облека. Ќе ги смениш како наметка, и тие ќе поминат.

  27. 27

    Но Ти остануваш истиот, и на Твоите години нема да им дојде крај.

  28. 28

    Децата на Твоите слуги ќе живеат во сигурност, а нивното потомство ќе биде цврсто утврдено пред Тебе.“