Псалми
Глава 116
- 1
Го љубам Господ, зашто го слушна мојот глас и моите молби.
- 2
Тој го приклони Своето уво кон мене, и затоа ќе Го повикувам сѐ додека сум жив.
- 3
Јажињата на смртта ме обвиткаа и маките на гробот ме стегнаа; ме снајдоа тага и неволја.
- 4
Тогаш го повикав Господ по име: „Господи, Те молам, избави ја мојата душа!“
- 5
Благ и праведен е Господ; нашиот Бог е полн со милост.
- 6
Господ ги чува простодушните; кога бев беспомошен, Тој ме спаси.
- 7
Врати се во својот мир, душо моја, зашто Господ ти направи многу добро.
- 8
Ти ја избави мојата душа од смрт, моите очи од солзи и моите нозе од сопнување.
- 9
Ќе одам пред Господ додека сум во земјата на живите.
- 10
Верував и затоа зборував, иако минував низ голема мака.
- 11
Во својата вознемиреност реков: „Секој човек може да измами.“
- 12
Како да Му возвратам на Господ за сите добрини што ми ги направи?
- 13
Ќе ја подигнам чашата на спасението и ќе го повикам Господовото име.
- 14
Ќе ги исполнам своите завети пред Господ, и тоа пред целиот Негов народ.
- 15
Скапоцена е во Господовите очи смртта на оние што Му припаѓаат.
- 16
О, Господи, навистина сум Твој слуга; Твој слуга сум, син на Твојата слугинка, а Ти ги одврза моите окови.
- 17
Ќе Ти принесам жртва од благодарност и повторно ќе го повикам Господовото име.
- 18
Ќе ги исполнам заветите што Му ги дадов на Господ, пред очите на целиот Негов народ,
- 19
и тоа во дворовите на Господовиот дом, среде тебе, Ерусалиме. Алилуја!