Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 118

  1. 1

    Славете Го Господ, зашто Тој е добар и Неговата милост трае довека.

  2. 2

    Нека рече Израел: „Неговата милост трае довека.“

  3. 3

    Нека рече Ароновиот дом: „Неговата милост трае довека.“

  4. 4

    Нека речат сите што имаат страв од Господ: „Неговата милост трае довека.“

  5. 5

    Кога се најдов во неволја, Го повикав Господ; Тој ми одговори и ме изведе на широко место.

  6. 6

    Господ е со мене, затоа нема да се плашам; што може да ми направи човек?

  7. 7

    Господ е со мене и ми помага, па ќе го видам поразот на оние што ме мразат.

  8. 8

    Подобро е да се засолниш кај Господ отколку да ја положиш надежта во човек.

  9. 9

    Подобро е да се засолниш кај Господ отколку да се надеваш на владетели.

  10. 10

    Народи од сите страни ме опкружија, но во Господовото име ги совладав.

  11. 11

    Ме опкружија од сите страни, но во Господовото име ги победив.

  12. 12

    Ме опкружија како рој пчели, но згаснаа како оган во трње; во Господовото име ги победив.

  13. 13

    Силно ме турнаа за да паднам, но Господ ми дојде на помош.

  14. 14

    Господ е мојата сила и мојата песна; Тој стана моето спасение.

  15. 15

    Гласови на радост и спасение се слушаат во шаторите на праведните: „Господовата десна рака врши силни дела!“

  16. 16

    Господовата десна рака се издигна; Господовата десна рака навистина врши силни дела!

  17. 17

    Нема да умрам, туку ќе живеам и ќе раскажувам за Господовите дела.

  18. 18

    Господ строго ме исправи, но не ме предаде на смрт.

  19. 19

    Отворете ми ги портите што водат кон праведноста; ќе влезам низ нив и ќе Му оддадам слава на Господ.

  20. 20

    Ова е Господовата порта; низ неа влегуваат праведните.

  21. 21

    Ќе Те славам, зашто ми одговори и стана моето спасение.

  22. 22

    Каменот што градителите го отфрлија стана главен аголен камен.

  23. 23

    Господ го направи тоа, и чудесно е во нашите очи.

  24. 24

    Ова е денот што Господ го создаде; да се радуваме и да се веселиме во него!

  25. 25

    О, Господи, Те молиме, спаси нѐ! О, Господи, Те молиме, дај ни успех!

  26. 26

    Благословен е оној што доаѓа во Господовото име! Од Господовиот дом ви изрекуваме благослов.

  27. 27

    Господ е Бог и Тој ни даде светлина; врзете ја празничната жртва со јажиња и доведете ја до роговите на жртвеникот.

  28. 28

    Ти си мојот Бог и ќе Те славам; Ти си мојот Бог и ќе Те возвишувам.

  29. 29

    Славете Го Господ, зашто Тој е добар и Неговата милост трае довека.