Псалми
Глава 12
Помогни, Господи, зашто побожниот исчезнува, а верните сѐ поретко се наоѓаат меѓу луѓето. (Псалми 12:1)
Секој го лаже својот ближен; зборуваат со ласкави усни, а во срцето се дволични. (Псалми 12:2)
Господ нека ги замолкне сите ласкави усни и секој јазик што зборува горделиво, (Псалми 12:3)
оние што велат: „Со нашиот јазик ќе победиме; усните се наши – кој може да ни биде господар?“ (Псалми 12:4)
„Поради угнетувањето на сиромашните и воздивнувањето на бедните, сега ќе станам“, вели Господ. „Ќе го поставам на сигурно место оној што копнее по избавување.“ (Псалми 12:5)
Господовите зборови се чисти, како сребро претопено во печка и седумпати пречистено. (Псалми 12:6)
Ти, Господи, ќе ги заштитиш и ќе ги чуваш од ова поколение засекогаш. (Псалми 12:7)
Безбожните слободно се движат насекаде кога меѓу луѓето се возвишува она што е бесчесно. (Псалми 12:8)