Псалми
Глава 122
- 1
Срцето ми се исполни со радост кога ми рекоа: „Да одиме во Господовиот дом!“
- 2
Еве, нашите нозе веќе стојат пред твоите порти, Ерусалиме.
- 3
Ерусалиме, ти си изграден како град во кој сѐ е цврсто соединето во едно.
- 4
Кон тебе се искачуваат племињата, Господовите племиња, според заповедта дадена на Израел, за да го слават Господовото име.
- 5
Зашто таму се поставени престолите за суд, престолите на Давидовиот дом.
- 6
Молете се за мирот на Ерусалим: „Нека им биде добро на оние што те љубат!
- 7
Нека има мир во твоите ѕидови и спокојство во твоите тврдини!“
- 8
Поради моите браќа и пријатели ќе речам: „Мир нека владее во тебе!“
- 9
Заради домот на Господ, нашиот Бог, ќе се трудам за твоето добро.