Псалми
Глава 148
- 1
Славете Го Господ од небесата; славете Го во височините!
- 2
Славете Го, сите Негови ангели; славете Го, сите Негови небесни војски!
- 3
Славете Го, сонце и месечино; славете Го, сите светли ѕвезди!
- 4
Славете Го, највисоки небеса, и вие води што сте над небесата!
- 5
Сите нека го слават Господовото име, зашто Тој заповеда и тие беа создадени.
- 6
Тој ги утврди да траат засекогаш и довека и им даде одредба што нема да помине.
- 7
Славете Го Господ и од земјата, вие морски чудовишта и сите морски длабочини,
- 8
оган и град, снег и магла, и бурен ветер што ја извршува Неговата заповед,
- 9
сите планини и ридови, плодните дрвја и високите кедри,
- 10
диви ѕверови и сиот добиток, лазачи и птици што летаат,
- 11
земни цареви и сите народи, владетели и сите судии на земјата,
- 12
момчињата и девојките, старците заедно со децата!
- 13
Сите нека го слават Господовото име, зашто само Неговото име е возвишено; Неговата слава е над земјата и над небото.
- 14
Тој ја издигна силата на Својот народ, за пофалба на сите што Му припаѓаат, на Израелевите синови – народот што Му е близок. Алилуја!