Псалми
Глава 17
- 1
Чуј ја мојата праведна молба, Господи, и внимавај на мојот повик; слушни ја молитвата што не излегува од измамливи усни.
- 2
Нека дојде мојата пресуда од Тебе; Твоите очи нека го видат она што е право.
- 3
Ти го испита моето срце, ме посети ноќе и ме провери, но не најде зла намера во мене; решив мојата уста да не згреши.
- 4
Во однос на човечките дела, зборот од Твоите усни ме сочува од патиштата на насилникот.
- 5
Моите чекори цврсто се држеа за Твоите патеки и моите нозе не се лизнаа.
- 6
Тебе Те повикувам, Боже, зашто знам дека ќе ми одговориш; наведни го увото кон мене и чуј ги моите зборови.
- 7
Покажи ја чудесно Својата милост, Ти што со Својата десна рака ги спасуваш од противниците оние што се надеваат на Тебе.
- 8
Чувај ме како зеницата на окото и скриј ме под сенката на Твоите крилја
- 9
од безбожните што ме напаѓаат, од смртните непријатели што ме опкружуваат.
- 10
Срцата им се затворени и бесчувствителни, а со устата зборуваат горделиво.
- 11
Сега нѐ опкружуваат на секој чекор; погледот им е насочен кон нас, подготвени да нѐ соборат на земја.
- 12
Секој од нив е како лав што копнее да раскине, како млад лав што демне во заседа.
- 13
Стани, Господи! Пресретни го и собори го; со Својот меч избави ме од безбожниот,
- 14
со Својата рака избави ме, Господи, од луѓето на овој свет, чиј дел е само во овој живот. Ти им ја полниш утробата со богатство; децата им се наситуваат, а остатокот го оставаат на своите потомци.
- 15
А јас, живеејќи во праведност, ќе го гледам Твоето лице; кога ќе се разбудам, ќе се наситам гледајќи го Твојот лик.