Псалми
Глава 24
На Господ Му припаѓа земјата и сѐ што е на неа, светот и сите што живеат во него; (Псалми 24:1)
зашто Тој ја постави врз морињата и ја утврди над водите. (Псалми 24:2)
Кој може да се искачи на Господовата гора? Кој може да застане на Неговото свето место? (Псалми 24:3)
Оној што има чисти раце и непорочно срце, кој не трча по празни работи и не се заколнува лажно. (Псалми 24:4)
Тој ќе прими благослов од Господ и праведност од Бог, својот Спасител. (Псалми 24:5)
Такво е поколението на оние што Го бараат, на оние што го бараат Твоето лице – поколението на Јаков. (Псалми 24:6)
Подигнете ги главите, порти; отворете се, вечни врати, за да влезе Царот на славата! (Псалми 24:7)
Кој е овој Цар на славата? Тоа е Господ, моќен и силен, Господ силен во битка. (Псалми 24:8)
Подигнете ги главите, порти; отворете се, вечни врати, за да влезе Царот на славата! (Псалми 24:9)
Кој е Тој Цар на славата? Господ над војските – Тој е Царот на славата! (Псалми 24:10)