Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 34

  1. 1

    Ќе Го славам Господ во секое време; Неговата пофалба постојано ќе биде на моите усни.

  2. 2

    Со Господ ќе се фали мојата душа; кротките ќе го чујат тоа и ќе се зарадуваат.

  3. 3

    Возвеличувајте Го Господ со мене; заедно да го возвишуваме Неговото име.

  4. 4

    Го побарав Господ и Тој ми одговори; ме избави од сите мои стравови.

  5. 5

    Оние што гледаат кон Него се озаруваат од радост и нивните лица нема да се посрамат.

  6. 6

    Овој сиромашен човек повика, и Господ го чу; го избави од сите негови неволји.

  7. 7

    Господовиот ангел поставува стража околу оние што имаат страв од Него и ги избавува.

  8. 8

    Вкусете и уверете се дека Господ е добар; блажен е човекот што во Него наоѓа засолниште.

  9. 9

    Имајте страв од Господ, вие Негови свети, зашто на оние што имаат страв од Него ништо добро нема да им недостига.

  10. 10

    И младите лавови понекогаш гладуваат и остануваат без храна, но оние што Го бараат Господ нема да бидат лишени од ниедно добро.

  11. 11

    Дојдете, деца, и слушајте ме; ќе ве научам што значи да се има страв од Господ.

  12. 12

    Кој е човекот што го сака животот и копнее да види многу добри денови?

  13. 13

    Чувај го јазикот од зло и усните од зборови на измама.

  14. 14

    Тргни се од злото и прави добро; барај го мирот и оди по него.

  15. 15

    Господовите очи се свртени кон праведните, а Неговите уши го слушаат нивниот повик.

  16. 16

    Но Господовото лице е против оние што прават зло, за да го избрише споменот за нив од земјата.

  17. 17

    Праведните повикуваат, и Господ ги слуша; ги избавува од сите нивни неволји.

  18. 18

    Господ е близу до луѓето со скршено срце и ги спасува оние чиј дух е скрушен.

  19. 19

    Праведниот може да има многу неволји, но Господ го избавува од сите.

  20. 20

    Тој ги чува сите негови коски; ниедна од нив нема да биде скршена.

  21. 21

    Злото ќе го одведе грешникот во пропаст, а оние што го мразат праведниот ќе бидат осудени.

  22. 22

    Господ ги откупува Своите слуги; никој што во Него наоѓа засолниште нема да биде осуден.