Псалми
Глава 35
- 1
Застани, Господи, против оние што се креваат против мене; војувај против оние што војуваат со мене.
- 2
Земи го штитот и оружјето и стани да ми помогнеш.
- 3
Извади го копјето и пресечи им го патот на оние што ме гонат; кажи ѝ на мојата душа: „Јас сум твоето спасение.“
- 4
Нека се посрамат и обесчестат оние што сакаат да ми го одземат животот; нека се повлечат збунети оние што ми мислат зло.
- 5
Нека бидат како плева пред ветрот, а Господовиот ангел нека ги гони.
- 6
Нивниот пат нека стане мрачен и лизгав, а Господовиот ангел нека ги прогонува.
- 7
Без никаква причина ја скрија својата мрежа за мене и без причина ми ископаа јама.
- 8
Нека ги снајде пропаст ненадејно; мрежата што ја сокриле нека ги фати нив самите и во сопствената јама нека паднат.
- 9
А мојата душа ќе се радува во Господ и ќе се весели поради Неговото спасение.
- 10
Сите мои коски ќе речат: „Господи, кој е како Тебе? Ти го избавуваш бедниот од оној што е посилен од него, сиромашниот и немоќниот од неговиот грабливец.“
- 11
Неправедни сведоци стануваат против мене и ме обвинуваат за работи за кои ништо не знам.
- 12
Ми возвраќаат зло за добро и ја оставаат мојата душа во длабока осаменост.
- 13
А јас, кога тие беа болни, се облекував во грубо платно, постев и ја понижував својата душа, а молитвата постојано ми се враќаше во срцето.
- 14
Се однесував како да ми беа пријател или брат; одев наведнат и нажален, како човек што жали за својата мајка.
- 15
Но кога јас се сопнав, тие се зарадуваа и се собраа; против мене се собраа луѓе што не ги познавав и без престан ме напаѓаа.
- 16
Како безбожни потсмевачи на гозба, тие чкртаа со забите против мене.
- 17
Господи, до кога само ќе гледаш? Избави ме од нивните погубни напади; спаси го мојот единствен живот од овие лавови.
- 18
Тогаш ќе Ти благодарам во големото собрание и ќе Те славам пред многуброен народ.
- 19
Не дозволувај над мене да ликуваат оние што без причина ми се непријатели, ниту да си намигнуваат оние што ме мразат без причина.
- 20
Тие не зборуваат за мир; напротив, смислуваат лажни обвиненија против мирните луѓе во земјата.
- 21
Широко ја отвораат устата против мене и велат: „Аха! Аха! Со свои очи видовме!“
- 22
Ти го виде тоа, Господи; немој да молчиш! Господи, не останувај далеку од мене.
- 23
Разбуди се и стани во моја одбрана, Боже мој и Господи мој; пресуди го мојот спор.
- 24
Господи, Боже мој, суди ми според Својата праведност и не дозволувај тие да ликуваат над мене.
- 25
Не дозволувај во срцето да си речат: „Го добивме она што го сакавме!“ Ниту да кажат: „Го проголтавме!“
- 26
Нека се посрамат и обесчестат сите што се радуваат на мојата несреќа; со срам и понижување нека се покријат оние што се воздигнуваат над мене.
- 27
А оние што се радуваат на мојата оправданост нека извикуваат од радост и постојано нека велат: „Нека се возвеличува Господ, Кој се радува на благосостојбата на Својот слуга!“
- 28
А мојот јазик ќе зборува за Твојата праведност и ќе Те слави преку целиот ден.