Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 48

  1. 1

    Голем е Господ и достоен за сета пофалба во градот на нашиот Бог, на Својот свет рид.

  2. 2

    Прекрасен по својата височина и радост на целата земја е ридот Сион; на неговата северна страна е градот на великиот Цар.

  3. 3

    Во неговите дворци Бог се откри како сигурно засолниште.

  4. 4

    Ете, царевите се собраа и заедно тргнаа против него.

  5. 5

    Но штом го видоа, се вчудовидија; ги обзеде страв и побегнаа.

  6. 6

    Таму ги фати трепет, болка како кај жена што раѓа.

  7. 7

    Како со источен ветер, Ти ги разбиваш тарсиските кораби.

  8. 8

    Она што порано го слушавме, сега го видовме со свои очи во градот на Господ над војските, во градот на нашиот Бог; Бог ќе го утврди довека.

  9. 9

    Боже, среде Твојот храм размислуваме за Твојата милост.

  10. 10

    Како што е големо Твоето име, Боже, така и Твојата пофалба стигнува до краиштата на земјата; Твојата десна рака е полна со праведност.

  11. 11

    Нека се весели ридот Сион и нека се радуваат Јудините градови поради Твоите праведни судови.

  12. 12

    Обиколете го Сион, прошетајте околу него и избројте ги неговите кули.

  13. 13

    Добро разгледајте ги неговите бедеми и дворци, за да му раскажете за нив на идното поколение.

  14. 14

    Зашто овој Бог е наш Бог во вечни векови; Тој ќе нѐ води до самиот крај.