Псалми
Глава 66
- 1
Цела земјо, извикај Му радосно на Бог!
- 2
Пејте за славата на Неговото име и прославете Го со величествена пофалба.
- 3
Кажете Му на Бог: „Колку се величествени Твоите дела! Пред големината на Твојата сила и Твоите непријатели ќе се преправаат дека Ти се покоруваат.
- 4
Целата земја ќе Ти се поклонува и ќе Ти пее; ќе пее во чест на Твоето име.“
- 5
Дојдете и видете ги Божјите дела; величествени се делата што ги прави меѓу луѓето.
- 6
Тој го претвори морето во суво; пеш ја преминаа реката. Таму се радувавме во Него.
- 7
Со Својата сила Тој владее довека; Неговите очи ги набљудуваат народите. Бунтовниците нека не се воздигнуваат.
- 8
Славете Го нашиот Бог, народи, и нека се чуе гласот на Неговата пофалба.
- 9
Тој ни го одржува животот и не дозволува нашите нозе да се поколебаат.
- 10
Зашто Ти, Боже, нѐ испита и нѐ прочисти како што се прочистува среброто.
- 11
Нѐ воведе во мрежа и ни стави тежок товар врз плеќите.
- 12
Дозволи луѓе да поминат над нашите глави; поминавме низ оган и вода, но Ти нѐ изведе на место полно со изобилие.
- 13
Ќе влезам во Твојот дом со жртви паленици и пред Тебе ќе ги исполнам своите завети,
- 14
оние што ги изговорија моите усни и што ги вети мојата уста кога бев во неволја.
- 15
Ќе Ти принесам жртви паленици од угоени овни со мирис на темјан; ќе принесам и волови и јарци.
- 16
Дојдете и слушнете, сите што имате страв од Бог, и ќе ви раскажам што направи Тој за мене.
- 17
Кон Него повикав со устата и со јазикот Го возвеличив.
- 18
Да го негував беззаконието во своето срце, Господ немаше да ме слушне.
- 19
Но Бог навистина ме чу; внимаваше на гласот на мојата молитва.
- 20
Славен нека биде Бог, Кој не ја отфрли мојата молитва и не ја оддалечи Својата милост од мене.