Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 80

  1. 1

    Чуј нѐ, Пастиру Израелев, Ти што го водиш Јосиф како стадо; Ти што престојуваш меѓу херувимите, заблескај!

  2. 2

    Пред Ефрем, Венијамин и Манасија покажи ја Својата сила и дојди да нѐ спасиш.

  3. 3

    Врати нѐ, Боже; нека засветли Твоето лице над нас, и ќе бидеме спасени.

  4. 4

    Господи, Боже над војските, до кога ќе се гневиш дури и кога Твојот народ Ти се моли?

  5. 5

    Ги храниш со леб од солзи и им даваш да пијат солзи во изобилие.

  6. 6

    Нѐ направи причина за расправии меѓу нашите соседи, а нашите непријатели ни се потсмеваат.

  7. 7

    Врати нѐ, Боже над војските; нека засветли Твоето лице над нас, и ќе бидеме спасени.

  8. 8

    Ти пренесе лоза од Египет; ги истера народите и неа ја насади.

  9. 9

    Ти ѝ подготви место; таа пушти длабоки корени и ја исполни целата земја.

  10. 10

    Планините беа покриени со нејзината сенка, а нејзините гранки се издигнаа како величествени кедри.

  11. 11

    Ги рашири своите гранки до морето, а своите ластари до Еуфрат.

  12. 12

    Зошто ги урна нејзините огради, па сега ја берат сите што минуваат по патот?

  13. 13

    Ја пустоши дивата свиња од шумата, а полските ѕверови се хранат од неа.

  14. 14

    Врати се, Те молиме, Боже над војските! Погледни од небото, види и погрижи се за оваа лоза.

  15. 15

    Заштити ја лозата што ја насади Твојата десна рака и фиданката што ја зајакна за Себе.

  16. 16

    Таа е изгорена со оган и отсечена; нејзините непријатели гинат од заканата на Твоето лице.

  17. 17

    Нека биде Твојата рака над човекот од Твојата десна страна, над човечкиот син кого го зајакна за Себе.

  18. 18

    Тогаш нема да отстапиме од Тебе; оживеј нѐ, и ќе го повикуваме Твоето име.

  19. 19

    Врати нѐ, Господи, Боже над војските; нека засветли Твоето лице над нас, и ќе бидеме спасени.