Псалми
Глава 79
- 1
Боже, туѓи народи навлегоа во Твоето наследство; го осквернија Твојот свет храм и го претворија Ерусалим во куп урнатини.
- 2
Телата на Твоите слуги им ги дадоа како храна на небесните птици, а телата на оние што Ти припаѓаат – на земните ѕверови.
- 3
Ја пролеаја нивната крв како вода околу Ерусалим, а немаше кој да ги погребе.
- 4
Станавме предмет на потсмев пред нашите соседи, за подбив и поруга на оние што живеат околу нас.
- 5
До кога, Господи? Ќе се гневиш ли засекогаш? Дали Твојата ревност ќе продолжи да гори како оган?
- 6
Излеј го Својот гнев врз народите што не Те познаваат, врз царствата што никогаш не го повикуваат Твоето име.
- 7
Зашто тие го проголтаа Јаков и го оставија неговото живеалиште опустошено.
- 8
Не ни ги припишувај беззаконијата на нашите предци; нека ни дојде брзо во пресрет Твоето милосрдие, зашто многу ослабевме.
- 9
Помогни ни, Боже на нашето спасение, поради славата на Твоето име; избави нѐ и очисти ги нашите гревови заради Своето име.
- 10
Зошто народите да прашуваат: „Каде е нивниот Бог?“ Пред нашите очи покажи им на народите дека ја одмаздуваш крвта на Своите слуги.
- 11
Нека стигне до Тебе воздивнувањето на затворениците; според големината на Својата сила зачувај ги оние што се осудени на смрт.
- 12
Седумкратно врати им ја на нашите соседи навредата со која Те навредуваа, Господи.
- 13
А ние, Твојот народ и овците на Твоето пасиште, ќе Те славиме довека; од поколение до поколение ќе ја објавуваме Твојата пофалба.