Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 90

  1. 1

    Господи, низ сите поколенија Ти си бил нашето живеалиште.

  2. 2

    Уште пред да се родат планините и пред да ги создадеш земјата и светот, од вечноста и довека Ти си Бог.

  3. 3

    Ти го враќаш човекот во прав и велиш: ‚Вратете се, човечки синови!“

  4. 4

    Зашто илјада години пред Тебе се како вчерашниот ден што поминал, како една ноќна стража.

  5. 5

    Ги однесуваш како порој; исчезнуваат како сон, како трева што никнува наутро.

  6. 6

    Наутро тревата цвета и расте, а навечер веќе е покосена и се суши.

  7. 7

    Зашто исчезнуваме под Твојот гнев и нѐ обзема страв од Твојата лутина.

  8. 8

    Ги постави нашите беззаконија пред Себе, а нашите скриени гревови во светлината на Своето лице.

  9. 9

    Сите наши денови поминуваат под Твојот гнев; ги завршуваме своите години како една воздишка.

  10. 10

    Деновите на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме силни – осумдесет; но и најдоброто од нив е полно со труд и мака, зашто брзо поминуваат и ние одлетуваме.

  11. 11

    Кој навистина ја познава силата на Твојот гнев и Твојата лутина, онака како што прилега на стравопочитта кон Тебе?

  12. 12

    Научи нѐ мудро да ги броиме своите денови, за и нашето срце да стекне мудрост.

  13. 13

    Врати се, Господи! До кога? Сожали се над Своите слуги.

  14. 14

    Насити нѐ уште наутро со Својата милост, за да се радуваме и веселиме во сите наши денови.

  15. 15

    Подари ни радост според деновите во кои нѐ измачуваше и според годините во кои гледавме зло.

  16. 16

    Нека им стане видливо Твоето дело на Твоите слуги и Твојата слава на нивните деца.

  17. 17

    Нека биде над нас наклонетоста на Господ, нашиот Бог; утврди го делото на нашите раце – да, утврди го делото на нашите раце!