Псалми
Глава 91
- 1
Оној што живее под закрилата на Севишниот ќе почива под сенката на Семоќниот.
- 2
За Господ ќе речам: „Тој е моето прибежиште и мојата тврдина, мојот Бог, во Кого се надевам.“
- 3
Тој ќе те избави и од стапицата на ловецот и од смртоносната зараза.
- 4
Ќе те покрие со Своите пердуви, а под Неговите крилја ќе најдеш засолниште; Неговата верност ќе ти биде штит и заштита.
- 5
Нема да се плашиш од ужасите на ноќта, ниту од стрелата што лета дење,
- 6
ниту од заразата што се движи во темнината, ниту од погибелта што опустошува напладне.
- 7
Илјада ќе паднат покрај тебе, а десет илјади од твојата десна страна, но до тебе нема да се приближи.
- 8
Само ќе гледаш со свои очи и ќе ја видиш казната на безбожниците.
- 9
Зашто ти го избра Господ за свое прибежиште и Севишниот за свое живеалиште.
- 10
Затоа никакво зло нема да те снајде и никаква неволја нема да се приближи до твојот шатор.
- 11
Тој ќе им заповеда на Своите ангели да те чуваат каде и да одиш.
- 12
Тие ќе те носат на раце, за да не ја удриш ногата од камен.
- 13
Ќе стапнеш врз лав и змија; ќе згазиш и млад лав и отровница.
- 14
„Бидејќи со љубов се приврза кон Мене, ќе го избавам; ќе го поставам на сигурно место, зашто го позна Моето име.
- 15
Ќе Ме повика, и Јас ќе му одговорам; ќе бидам со него во неволја, ќе го избавам и ќе му дадам чест.
- 16
Ќе го наситам со долг живот и ќе му дозволам да го види Моето спасение.“