Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 92

  1. 1

    Добро е да Ти благодариме, Господи, и да пееме во чест на Твоето име, Севишен,

  2. 2

    да ја објавуваме Твојата милост секое утро и Твојата верност секоја ноќ,

  3. 3

    со десетожичен инструмент и лира, со милозвучна мелодија на харфа.

  4. 4

    Зашто ме развесели, Господи, со Своите дела; радосно пеам гледајќи го делото на Твоите раце.

  5. 5

    Колку се големи Твоите дела, Господи! Колку се длабоки Твоите мисли!

  6. 6

    Неразумниот човек не го знае тоа, а безумникот не може да го разбере:

  7. 7

    кога безбожниците никнуваат како трева и сите што прават зло цветаат, тоа е само за да бидат уништени довека.

  8. 8

    Но Ти, Господи, остануваш возвишен довека.

  9. 9

    Ете, Твоите непријатели, Господи, ќе загинат; ќе се распрснат сите што прават зло.

  10. 10

    А мојот рог ќе го возвишиш како рог на див вол; ќе ме помазаш со свежо масло.

  11. 11

    Моите очи ќе го видат падот на оние што ме демнат, а ушите ќе чујат за казната на злосторниците што се креваат против мене.

  12. 12

    Праведникот ќе цвета како палма и ќе расте како ливански кедар.

  13. 13

    Како дрвја засадени во Господовиот дом, тие ќе цветаат во дворовите на нашиот Бог.

  14. 14

    Ќе даваат плод и во длабока старост; ќе останат полни со живот и свежина,

  15. 15

    за да објавуваат дека Господ е праведен — мојата Карпа, во Кого нема неправда.