Откровение
Глава 12
На небото се појави голем знак: жена облечена во сонцето, со месечината под нејзините нозе и венец од дванаесет ѕвезди на главата. (Откровение 12:1)
Беше бремена и викаше од породилни болки, мачејќи се да роди. (Откровение 12:2)
Потоа на небото се појави друг знак: голем огненоцрвен змеј со седум глави и десет рогови, а на неговите глави имаше седум круни. (Откровение 12:3)
Неговата опашка повлече третина од небесните ѕвезди и ги фрли на земјата. Змејот застана пред жената што требаше да роди, за да го проголта нејзиното дете веднаш штом ќе се роди. (Откровение 12:4)
Таа роди син, машко дете, Кое ќе ги пасе сите народи со железен жезол. Нејзиното дете беше земено кај Бог и кај Неговиот престол. (Откровение 12:5)
А жената побегна во пустината, каде што Бог ѝ подготви место, за таму да ја хранат илјада двесте и шеесет дена. (Откровение 12:6)
Тогаш на небото настана војна. Михаил и неговите ангели војуваа против змејот. И змејот и неговите ангели се бореа, (Откровение 12:7)
но не можеа да победат и за нив веќе немаше место на небото. (Откровение 12:8)
Големиот змеј беше фрлен долу – старата змија, наречена ѓавол и сатана, која го заведува целиот свет. Беше фрлен на земјата, а со него беа фрлени и неговите ангели. (Откровение 12:9)
Тогаш слушнав силен глас на небото како вели: „Сега дојдоа спасението и силата, царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, зашто е фрлен обвинителот на нашите браќа, кој ги обвинуваше пред нашиот Бог дење и ноќе. (Откровение 12:10)
Тие го победија со крвта на Јагнето и со зборот на своето сведоштво; не го засакаа својот живот дури ни до смрт. (Откровение 12:11)
Затоа радувајте се, небеса, и вие што живеете во нив! Но тешко на земјата и морето, зашто ѓаволот слезе кај вас со голем гнев, знаејќи дека има малку време.“ (Откровение 12:12)
Кога змејот виде дека е фрлен на земјата, ја прогонуваше жената што го роди машкото дете. (Откровение 12:13)
Но на жената ѝ беа дадени двете крилја на големиот орел, за да одлета во пустината, на своето место, каде што ќе биде хранета едно време, две времиња и половина време далеку од змијата. (Откровение 12:14)
Тогаш змијата исфрли од устата вода како река по жената, за да ја однесе поројот. (Откровение 12:15)
Но земјата ѝ помогна на жената: ја отвори својата уста и ја проголта реката што змејот ја исфрли од својата уста. (Откровение 12:16)
Змејот се разгневи на жената и отиде да војува против останатите од нејзиното потомство – оние што ги чуваат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото за Исус. (Откровение 12:17)
И застана на морскиот песок. (Откровение 12:18)