Прескокни кон главната содржина

Откровение

Глава 11

  1. 1

    Ми беше дадена трска слична на мерен стап и ми беше речено: „Стани, измери ги Божјиот храм и жртвеникот, како и оние што се поклонуваат во него.

  2. 2

    Но надворешниот двор на храмот остави го и не го мери, зашто им е даден на народите. Тие ќе го газат светиот град четириесет и два месеца.

  3. 3

    А на Моите двајца сведоци ќе им дадам да пророкуваат илјада двесте и шеесет дена, облечени во вреќиште.“

  4. 4

    Тие се двете маслинови дрвја и двата светилника што стојат пред Господ на целата земја.

  5. 5

    Ако некој сака да им наштети, од нивната уста излегува оган и ги проголтува нивните непријатели. Ако некој сака да им наштети, така мора да биде убиен.

  6. 6

    Тие имаат власт да го затворат небото за да не врне дожд во деновите на нивното пророкување. Имаат власт и над водите да ги претвораат во крв и да ја погодуваат земјата со секаква неволја, кога и да посакаат.

  7. 7

    Кога ќе го завршат своето сведоштво, ѕверот што излегува од бездната ќе започне војна против нив, ќе ги победи и ќе ги убие.

  8. 8

    Нивните тела ќе лежат на плоштадот на големиот град, кој во духовна смисла се нарекува Содом и Египет, каде што беше распнат и нивниот Господ.

  9. 9

    Луѓе од различни народи, племиња, јазици и нации ќе ги гледаат нивните тела три и пол дена и нема да дозволат да бидат положени во гроб.

  10. 10

    Жителите на земјата ќе се радуваат поради нив, ќе се веселат и ќе си испраќаат подароци еден на друг, зашто овие двајца пророци ги мачеа жителите на земјата.

  11. 11

    Но по три и пол дена во нив влезе животен дух од Бог и тие застанаа на своите нозе. Голем страв ги обзеде оние што ги гледаа.

  12. 12

    Тогаш слушнаа силен глас од небото како им вели: „Искачете се овде!“ И тие се искачија на небото во облак, а нивните непријатели ги гледаа.

  13. 13

    Во истиот час настана силен земјотрес и една десеттина од градот се урна. Во земјотресот загинаа седум илјади луѓе, а останатите се исплашија и Му оддадоа слава на небесниот Бог.

  14. 14

    Втората неволја помина. Ете, третата доаѓа наскоро.

  15. 15

    Тогаш затруби седмиот ангел и на небото се слушнаа силни гласови што велеа: „Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Тој ќе царува засекогаш!“

  16. 16

    А дваесет и четирите старешини, кои седеа на своите престоли пред Бог, паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог,

  17. 17

    велејќи: „Ти благодариме, Господи Боже Семоќен, Кој си и Кој беше, зашто ја зеде Својата голема сила и почна да царуваш.

  18. 18

    Народите се разгневија, но дојде Твојот гнев и времето мртвите да бидат судени, и да им дадеш награда на Своите слуги, пророците, на светите и на оние што имаат стравопочит кон Твоето име, на малите и на големите, и да ги уништиш оние што ја уништуваат земјата.“

  19. 19

    Тогаш се отвори Божјиот храм на небото и во Неговиот храм се виде ковчегот на Неговиот завет. Настанаа молњи, гласови, громови, земјотрес и силен град.