Откровение
Глава 10
- 1
Потоа видов друг силен ангел како слегува од небото, обвиткан во облак. Над неговата глава имаше Божји лак, лицето му беше како сонцето, а нозете како огнени столбови.
- 2
Во раката држеше мал отворен свиток. Десната нога ја стави на морето, а левата на земјата,
- 3
и извика со силен глас, како кога рика лав. Кога извика, седумте громови проговорија со своите гласови.
- 4
Кога проговорија седумте громови, сакав да запишам, но слушнав глас од небото како вели: „Запечати го она што го кажаа седумте громови и не го запишувај.“
- 5
Ангелот што го видов како стои на морето и на земјата ја крена својата десна рака кон небото
- 6
и се заколна во Оној Кој живее засекогаш, Кој ги создаде небото и сѐ што е во него, земјата и сѐ што е на неа, морето и сѐ што е во него: „Повеќе нема да има одлагање!“
- 7
Но во деновите кога ќе се слушне гласот на седмиот ангел, кога ќе затруби, ќе се исполни Божјата тајна, како што им ја објави добрата вест на Своите слуги, пророците.
- 8
Потоа гласот што го слушнав од небото повторно ми проговори: „Оди, земи го отворениот свиток од раката на ангелот што стои на морето и на земјата.“
- 9
Отидов кај ангелот и му реков да ми го даде малиот свиток. Тој ми рече: „Земи го и изеди го. Ќе ти ја загорчи утробата, но во устата ќе ти биде сладок како мед.“
- 10
Го зедов малиот свиток од раката на ангелот и го изедов. Во устата ми беше сладок како мед, но откако го изедов, утробата ми се загорчи.
- 11
Тогаш ми рекоа: „Треба повторно да пророкуваш за многу народи, нации, јазици и цареви.“