Откровение
Глава 9
- 1
Затруби петтиот ангел. Видов ѕвезда што паднала од небото на земјата, и ѝ беше даден клучот од бездната.
- 2
Таа ја отвори бездната и од неа се издигна дим како од огромна печка. Сонцето и воздухот се помрачија од димот што излегуваше од бездната.
- 3
Од димот излегоа скакулци на земјата, и им беше дадена власт каква што имаат земните скорпии.
- 4
Им беше речено да не им нанесуваат штета на земната трева, на зеленилото или на дрвјата, туку само на луѓето што го немаат Божјиот печат на своите чела.
- 5
Не им беше дозволено да ги убиваат, туку да ги измачуваат пет месеци. Нивното измачување беше како болката од убод на скорпија.
- 6
Во тие денови луѓето ќе ја бараат смртта, но нема да ја најдат. Ќе сакаат да умрат, но смртта ќе бега од нив.
- 7
По изглед скакулците личеа на коњи подготвени за битка. На главите имаа нешто слично на златни венци, а лицата им беа како човечки лица.
- 8
Имаа коса како женска коса, а забите им беа како лавовски.
- 9
Имаа оклопи како железни оклопи, а звукот на нивните крилја беше како татнеж од многу коњски коли што јуришаат во битка.
- 10
Имаа опашки и боцки како скорпии, а во нивните опашки беше силата да им нанесуваат болка на луѓето пет месеци.
- 11
Над себе имаа цар — ангелот на бездната. На еврејски неговото име е Авадон, а на грчки Аполион.
- 12
Првата неволја помина. Ете, по неа доаѓаат уште две неволји.
- 13
Затруби шестиот ангел. Тогаш слушнав глас од роговите на златниот жртвеник што е пред Бог,
- 14
кој му рече на шестиот ангел со трубата: „Ослободи ги четирите ангели што се врзани кај големата река Еуфрат.“
- 15
И беа ослободени четирите ангели, подготвени токму за тој час, ден, месец и година, за да убијат третина од луѓето.
- 16
Бројот на коњаничката војска беше двесте милиони — го слушнав нивниот број.
- 17
Вака ги видов коњите и нивните јавачи во видението: имаа оклопи огненоцрвени, темносини и жолти како сулфур. Главите на коњите беа како лавовски глави, а од нивните усти излегуваа оган, дим и сулфур.
- 18
Од овие три зла — огнот, димот и сулфурот што излегуваа од нивните усти — беше убиена третина од луѓето.
- 19
Зашто силата на коњите беше во нивните усти и во нивните опашки. Нивните опашки беа слични на змии, имаа глави и со нив нанесуваа штета.
- 20
Но останатите луѓе, кои не беа убиени од овие зла, не се покајаа за делата на своите раце и не престанаа да им се поклонуваат на демоните и на идолите од злато, сребро, бронза, камен и дрво, кои не можат ни да гледаат, ни да слушаат, ни да одат.
- 21
Не се покајаа ни за своите убиства, ни за своите магии, ни за своето блудство, ни за своите кражби.