Прескокни кон главната содржина

Откровение

Глава 8

  1. 1

    Кога Агнецот го отвори седмиот печат, на небото настана тишина околу половина час.

  2. 2

    Тогаш ги видов седумте ангели што стојат пред Бог, и им беа дадени седум труби.

  3. 3

    Дојде друг ангел и застана кај жртвеникот, држејќи златна кадилница. Му беше дадено многу темјан за да го принесе со молитвите на сите свети на златниот жртвеник пред престолот.

  4. 4

    Димот од темјанот, заедно со молитвите на светите, се издигна од раката на ангелот пред Бог.

  5. 5

    Потоа ангелот ја зеде кадилницата, ја наполни со оган од жртвеникот и го фрли огнот на земјата. Настанаа громови, гласови, молњи и земјотрес.

  6. 6

    А седумте ангели што ги имаа седумте труби се подготвија да затрубат.

  7. 7

    Затруби првиот ангел. Настанаа град и оган измешани со крв и беа фрлени на земјата. Изгоре третина од земјата, третина од дрвјата и сета зелена трева.

  8. 8

    Затруби вториот ангел. Нешто слично на огромна гора што гореше во оган беше фрлено во морето, и третина од морето стана крв.

  9. 9

    Умре третина од живите суштества во морето и беше уништена третина од бродовите.

  10. 10

    Затруби третиот ангел. Од небото падна голема ѕвезда, која гореше како факел, и падна врз третина од реките и врз водните извори.

  11. 11

    Името на ѕвездата беше Пелин. Третина од водите станаа горчливи како пелин, а многу луѓе умреа од водите, зашто станаа горчливи.

  12. 12

    Затруби четвртиот ангел. Беше погодена третина од сонцето, третина од месечината и третина од ѕвездите, така што третина од нив се помрачи. Денот остана без светлина во една третина од своето време, а исто така и ноќта.

  13. 13

    Потоа видов и слушнав орел како лета високо на небото и вика со силен глас: „Тешко! Тешко! Тешко на жителите на земјата поради преостанатите звуци на трубите на тројцата ангели што допрва ќе затрубат!“