Откровение
Глава 7
- 1
Потоа видов четири ангели како стојат на четирите агли на земјата и ги задржуваат четирите земни ветрови, за да не дува ветер ни над земјата, ни над морето, ни врз некое дрво.
- 2
Видов и друг ангел како се издига од исток и го има печатот на живиот Бог. Тој извика со силен глас кон четирите ангели на кои им беше дадено да им наштетат на земјата и морето:
- 3
„Не нанесувајте штета ни на земјата, ни на морето, ни на дрвјата, додека не ги запечатиме слугите на нашиот Бог на нивните чела.“
- 4
И го слушнав бројот на запечатените: сто четириесет и четири илјади, запечатени од сите племиња на Израелевите синови:
- 5
од племето Јудино – дванаесет илјади запечатени; од племето Рувимово – дванаесет илјади; од племето Гадово – дванаесет илјади;
- 6
од племето Асирово – дванаесет илјади; од племето Нефталимово – дванаесет илјади; од племето Манасиево – дванаесет илјади;
- 7
од племето Симеоново – дванаесет илјади; од племето Левиево – дванаесет илјади; од племето Исахарово – дванаесет илјади;
- 8
од племето Завулоново – дванаесет илјади; од племето Јосифово – дванаесет илјади; од племето Венијаминово – дванаесет илјади запечатени.
- 9
Потоа погледнав, и ете – огромно мноштво што никој не можеше да го изброи, од секој народ, племе, народност и јазик. Стоеја пред престолот и пред Јагнето, облечени во бела облека и со палмови гранки во рацете.
- 10
Викаа со силен глас: „Спасението Му припаѓа на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!“
- 11
Сите ангели стоеја околу престолот, старешините и четирите живи суштества. Паднаа ничкум пред престолот и Му се поклонија на Бог,
- 12
Амин! Благословот, славата, мудроста, благодарноста, честа, силата и моќта Му припаѓаат на нашиот Бог засекогаш! Амин.“
- 13
Тогаш еден од старешините ме праша: „Кои се овие облечени во бела облека и од каде дојдоа?“
- 14
Му одговорив: „Господине мој, ти знаеш.“ А тој ми рече: „Овие се оние што доаѓаат од големата неволја. Тие ги испраа своите облеки и ги избелија во крвта на Јагнето.
- 15
Затоа се пред Божјиот престол и Му служат дење и ноќе во Неговиот храм; а Оној Кој седи на престолот ќе го распростре Својот шатор над нив.
- 16
Тие веќе нема да огладнат, ниту повторно ќе ожеднат; сонцето нема да ги пече, ниту каква било жега.
- 17
Зашто Јагнето, Кое е среде престолот, ќе им биде Пастир и ќе ги води кон извори на жива вода; а Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи.“