Откровение
Глава 6
- 1
Потоа видов како Агнецот отвори еден од седумте печати и слушнав едно од четирите живи суштества како со глас сличен на гром вели: „Дојди!“
- 2
Погледнав, и ете — бел коњ. Оној што седеше на него имаше лак. Му беше даден венец и тој излезе како победник, за да победува.
- 3
Кога Агнецот го отвори вториот печат, го слушнав второто живо суштество како вели: „Дојди!“
- 4
И излезе друг коњ, огненоцрвен. На оној што седеше на него му беше дадено да го одземе мирот од земјата, за луѓето да се убиваат еден со друг. Му беше даден и голем меч.
- 5
Кога го отвори третиот печат, го слушнав третото живо суштество како вели: „Дојди!“ Погледнав, и ете — црн коњ. Оној што седеше на него држеше вага во својата рака.
- 6
И слушнав нешто како глас среде четирите живи суштества, кој велеше: „Мерка пченица за еден денариј и три мерки јачмен за еден денариј; а маслото и виното не ги оштетувај.“
- 7
Кога го отвори четвртиот печат, го слушнав гласот на четвртото живо суштество како вели: „Дојди!“
- 8
Погледнав, и ете — бледозелен коњ. Оној што седеше на него се викаше Смрт, а адот одеше по него. Им беше дадена власт над четвртина од земјата, да убиваат со меч, глад, смрт и со земните ѕверови.
- 9
Кога го отвори петтиот печат, ги видов под жртвеникот душите на оние што беа убиени поради Божјиот збор и поради сведоштвото што го имаа.
- 10
Тие викаа со силен глас: „До кога, свет и вистинит Господару, ќе чекаш да судиш и да ја одмаздиш нашата крв врз жителите на земјата?“
- 11
На секого од нив му беше дадена бела облека и им беше речено да почиваат уште малку, додека не се исполнат и нивните сослужители и браќа што требаше да бидат убиени како и тие.
- 12
Потоа видов како го отвори шестиот печат. Настана силен земјотрес; сонцето стана црно како вреќиште од козина, а целата месечина стана како крв.
- 13
Небесните ѕвезди паѓаа на земјата како што смоква, потресена од силен ветер, ги фрла своите недозреани плодови.
- 14
Небото се повлече како свиток што се завиткува, а секоја гора и секој остров беа поместени од своите места.
- 15
Земните цареви, големците, војсководците, богатите, силните, како и секој роб и слободен човек, се сокрија во пештерите и меѓу карпите на горите.
- 16
Им велеа на горите и карпите: „Паднете врз нас и скријте нѐ од лицето на Оној Кој седи на престолот и од гневот на Агнецот!
- 17
Зашто дојде големиот ден на нивниот гнев — и кој може да опстане?“