Прескокни кон главната содржина

Откровение

Глава 5

  1. Потоа видов во десната рака на Оној Кој седеше на престолот свиток, испишан одвнатре и однадвор и запечатен со седум печати.

  2. Видов и силен ангел кој објавуваше со силен глас: „Кој е достоен да го отвори свитокот и да ги скрши неговите печати?“

  3. Но никој ни на небото, ни на земјата, ни под земјата не можеше да го отвори свитокот ниту да погледне во него.

  4. Тогаш многу плачев, зашто не се најде никој достоен да го отвори свитокот, ниту да погледне во него.

  5. Но еден од старешините ми рече: „Не плачи! Ете, победи Лавот од племето Јудино, Коренот Давидов. Тој може да го отвори свитокот и неговите седум печати.“

  6. Тогаш видов меѓу престолот и четирите живи суштества, и меѓу старешините, Јагне, Кое стоеше како заклано. Имаше седум рогови и седум очи, кои се седумте Божји духови испратени по целата земја.

  7. Тој пристапи и го зеде свитокот од десната рака на Оној Кој седеше на престолот.

  8. Кога го зеде свитокот, четирите живи суштества и дваесет и четирите старешини паднаа пред Јагнето. Секој имаше харфа и златни садови полни со темјан – тоа се молитвите на светите.

  9. И пееја нова песна: „Достоен си да го земеш свитокот и да ги отвориш неговите печати, зашто беше заклан и со Својата крв откупи за Бог луѓе од секое племе, јазик, народ и нација.

  10. Нив ги направи царство и свештеници на нашиот Бог, и тие ќе царуваат на земјата.“

  11. Потоа видов и слушнав глас на многу ангели околу престолот, живите суштества и старешините. Нивниот број беше десетици илјади по десетици илјади и илјадници по илјадници.

  12. Со силен глас велеа: „Достојно е Јагнето Кој беше заклано да ги прими силата, богатството, мудроста, моќта, честа, славата и пофалбата!“

  13. И секое создание на небото, на земјата, под земјата и во морето – сѐ што е во нив – го слушнав како вели: „На Оној Кој седи на престолот и на Јагнето нека им припаѓаат пофалбата, честа, славата и власта засекогаш!“

  14. Четирите живи суштества велеа: „Амин!“ А старешините паднаа и се поклонија.