Прескокни кон главната содржина

Откровение

Глава 4

  1. 1

    Потоа погледнав и ете, на небото стоеше отворена врата. Првиот глас што го слушнав како ми зборува, сличен на звук од труба, рече: „Искачи се овде и ќе ти покажам што треба да се случи по ова.“

  2. 2

    Веднаш бев во Духот, и ете, на небото стоеше престол, а на престолот седеше Некој.

  3. 3

    Оној што седеше по изглед беше сличен на јаспис и сард, а околу престолот имаше Божји лак, кој по изглед беше како смарагд.

  4. 4

    Околу престолот имаше дваесет и четири престоли, а на престолите седеа дваесет и четири старешини, облечени во бела облека и со златни венци на главите.

  5. 5

    Од престолот излегуваа молњи, гласови и громови. Пред престолот гореа седум огнени светилки, кои се седумте Божји духови.

  6. 6

    Пред престолот имаше нешто како стаклено море, слично на кристал. Среде престолот и околу него имаше четири живи суштества, полни со очи од предната и од задната страна.

  7. 7

    Првото живо суштество беше слично на лав, второто на теле, третото имаше лице како човечко, а четвртото беше слично на орел во лет.

  8. 8

    Секое од четирите живи суштества имаше по шест крилја и беше полно со очи наоколу и одвнатре. Дење и ноќе немаат одмор, туку велат: „Свет, свет, свет е Господ Бог Семоќниот, Кој беше, Кој е и Кој доаѓа!“

  9. 9

    И секогаш кога живите суштества Му оддаваат слава, чест и благодарност на Оној Кој седи на престолот и живее засекогаш,

  10. 10

    дваесет и четирите старешини паѓаат пред Оној Кој седи на престолот, Му се поклонуваат на Оној Кој живее засекогаш и ги положуваат своите венци пред престолот, велејќи:

  11. 11

    „Достоен си, Господи и Боже наш, да ги примиш славата, честа и силата, зашто Ти создаде сѐ, и по Твојата волја сѐ постои и беше создадено.“